Во фокусот биле темите поврзани со билатералните односи меѓу Северна Македонија и Бугарија, и потребата од што поскоро надминување на разликите меѓу двете земји, и со тоа кревање на рампата за отворање на пристапните преговори со Европската унија, соопшти МНР
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи телефонски разговараше со заменик помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар, при што во фокус биле темите поврзани со билатералните односи меѓу Северна Македонија и Бугарија, и потребата од што поскоро надминување на разликите меѓу двете земји, и со тоа кревање на рампата за отворање на пристапните преговори со Европската унија, соопшти МНР.
„Во контекст на актуелните безбедносни предизвици, процесот на проширување на ЕУ претставува безбедносна политика и оттука постигнувањето напредок во евроинтегративните процеси на Северна Македонија е најсигурна инвестиција во стабилноста во земјава и регионот, посочи Османи“,
се вели во соопштението.
Тој притоа упатил благодарност за континуираната поддршка од САД за стратешките цели на Северна Македонија, како и целокупниот придонес за стабилноста и демократскиот развој на Западен Балкан. Османи ја нагласи потребата за зајакнато американско присуство во нашиот регион како силна гаранција за регионалната и европската безбедност.
Разгледани се и можностите за понатамошно унапредување на стратешкото партнерство и зајакнување на соработката меѓу двете земји, се наведува во соопштението.