Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во рамки на претседавањето со ОБСЕ во 2023 година, ја презентира новата иницијатива за формирање Охрид – центар за мир и медијација. Османи истакна дека идејата е ова да биде белег на нашето претседателство со ОБСЕ, а центарот ќе биде од истражувачки карактер и под покровителство на Организацијата. Целните групи кон кои ќе се фокусира центарот ќе бидат младите, жените, дипломатите, академската заедница и граѓанското општество.
„Да формираме центар за мир и медијација, кој во суштина ќе биде наш национален ентитет, но под покровителство и под капата на ОБСЕ, а кој ќе работи на истражувања, обуки и размена на искуства поврзани со решавањето конфликти и спорови. Да создадеме Центар во Охрид како производ на партнерство помеѓу Владата на Северна Македонија и ОБСЕ кој ќе тежнее да прерасне во регионален центар за мир, посредување, решавање конфликти и форум за регионален безбедносен дијалог и истражување, во рамки на целиот ОБСЕ регион“
рече Османи на прес-конференција.
Идејата е да се користат домашните искуства и успешни примери, а се ќе нудат и совети, обуки, политики и конкретни услуги за медијација и поддршка на процесите на решавање спорови кои можат да бидат од внатрешна или меѓудржавна природа.
„Охридскиот рамковен договор, како и неговото континуирано спроведување од самиот почеток беше силен аргумент во корист на Северна Македонија, како и пример за позитивна балканска динамика дури и во политички турбулентен период и регион. Нашето искуство, исто така, понуди видлив контраст со другите договори за обезбедување мир и стабилност на Балканот, доколку домашните актери се посветени и меѓународната заедница реагира навремено. Процесот на решавање на разликата околу таканареченото прашање за името и преговорите со Грција се вториот најконкретен пример за успешно „решавање спорови“ со изразен домашен влог и иницијатива. Фактот дека неколку години по потпишувањето на Договорот од Преспа, билатералните односи меѓу двата соседа се во нагорна линија и овозможија зголемена трговска, одбранбена, меѓуопштинска и економска соработка, исто така покажува дека Северна Македонија има корисни искуства и научени лекции дека може да им понуди на своите соседи, но и на земјите од поширокиот регион на ОБСЕ“
рече Османи.
Како позитивен и важен пример Османи ја истакна и меѓународната улога на Северна Македонија која беше домаќин на дијалогот на високо ниво, за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, одржан во Охрид во март годинава. Од МНР додаваат и дека вакви позитивни примери на ОБСЕ се Академијата во Бишкек, како и Колеџот за обука на персоналот за гранично управување во Душанбе со долгогодишно искуство и успешно функционирање.