Поканата на Османи за ифтар, Билјана Ванковска ја прокоментира и во контекст на конфликтот меѓу Израел и Хамас. Таа го оцени како, во најмала рака, непристојно и нечовечно организирањето гоштевање во време кога, како што вели, во Газа деца умираат од глад и додаде дека ѝ е тешко да прифати ифтар во време на геноцид
Османи очигледно прави свои „црни листи“ на подобни и неподобни – коментира во објава на Фејсбук претседателската кандидатка на Левица, Билјана Ванковска, откако актуелниот министер за надворешни работи и кандидат на ДУИ за шеф на државата Бујар Османи најави дека ќе организира ифтарска вечера на која ќе ги покани своите противкандидати освен кандидатите на Левица и на ГРОМ – Билјана Ванковска и Стевчо Јакимовски.
„За Јакимовски му е јасна поентата (се наоѓа на американска црна листа), но за мене можеби знае нешто што јас не го знам… Второ, разговор за избор на европски претседател не ме интересира бидејќи јас се кандидирам за македонски претседател. Мојата легитимација ќе ја барам од мојот народ и од никој друг (па таман да е и ЕУ)“,
пишува, меѓу другото, во фејсбук-објавата на Ванковска.
Поканата на Османи за ифтар Ванковска ја прокоментира и во контекст на конфликтот меѓу Израел и Хамас. Таа го оцени како, во најмала рака, непристојно и нечовечно организирањето гоштевање во време кога, како што вели, во Газа деца умираат од глад. Додава дека ѝ е тешко да прифати пост и ифтар во време на геноцид.
„Мојата емпатија и меѓународна солидарност ги упатувам кон Палестина, и тешко ми е да прифатам пост и ифтари во време на геноцид. Интересно е што Османи ниту еднаш не изрази сочувство или солидарност со Палестинците. Останав јас сама со кефијата околу мене. Нека им е на здравје вечерата на тие што ќе ја прифатат. Јас не припаѓам во тоа друштво“,
пишува претседателската кандидатка на Левица во објавата на Фејсбук.
Претходно денеска претседателскиот кандидат на ДУИ, Бујар Османи, преку објава на социјалните мрежи покани дел од своите противкандидати на заеднички ифтар за, како што рече, да разговараат и да се договорат за конструктивна кампања и позитивен натпревар на идеи кои ќе го дадат идниот европски претседател на државата.
Од она што можеше да се прочита во објавата на Османи, поканата не е адресирана до сите претседателски кандидати, односно поканети се кандидатот поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, Арбен Таравари, кој е кандидат поддржан од опозициските партии на Албанците обединети во коалицијата „Вреди“, и кандидатот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски.
Гестот на Османи не се однесува и не е упатен до кандидатите за шеф на државата на партиите Левица и ГРОМ, Билјана Ванковска и Стевчо Јакимовски.