Ако нема одлука до понеделник, мора да покажеме одговорност. Ние побаравме од Малта да се понуди како кандидат, ова го кажувам првпат. На наше инсистирање, Малта ја остави отворена можноста доколку има консензус за тоа, рече Османи на брифинг со новинарите
Понеделник ќе биде денот „Д”. Очекувам да постигнеме консензус за новиот претседавач со ОБСЕ, рече денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи на средбата со новинарите по повод претстојниот Министерски совет во Скопје.
Како што информира Османи, се прават максимални напори за постигнување договор. Побарана била и алтернатива – Малта да се понуди како кандидат. Земјата ја оставила отворена оваа можност доколку има консензус.
„Не смее националните интереси да доминираат над колективниот интерес. Се надеваме дека в понеделник ќе успееме, дека ќе постигнеме историски успех да обезбедиме претседавач на ОБСЕ. На тоа ни е засега ставен целиот фокус. Организацијата не смее да остане без претседавач. Ако нема одлука до понеделник, мора да покажеме одговорност. Ние побаравме од Малта да се понуди како кандидат, ова го кажувам првпат. На наше инсистирање, Малта ја остави отворена можноста доколку има консензус за тоа. Сметаме дека во овие услови може да има консензус. Ако не, последната опција останува Северна Македонија, за што повторно треба да се бара консензус. Едноставно нас ни се падна тој товар“,
истакна Османи.
Според него, доколку не се обезбеди консензус, ОБСЕ ќе влезе во целосно недефинирани прашања, нешто со кое организацијата досега никогаш не се соочила.
Османи информира дека на 28 ноември се очекува да почне пристигнувањето на учесниците на Министерскиот совет, а за 29 ноември е предвидена неформалната вечера со најголемиот број министри. Потврдено е дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен ќе дојде на неформалната вечера која ќе се одржи во хотелот „Александар палас“. Османи не можеше да каже дали на неформалната вечера ќе присуствуваат и рускиот и украинскиот министер бидејќи, како што нагласи, агендите на сите министри се различни и според тоа не мора да значи дека сите министри ќе бидат присутни сите три дена.
На вечерата шефот на дипломатијата и претседавач со ОБСЕ очекува да бидат изнесени ставовите на државите во однос на иднината на ОБСЕ, но тема, како што рече, ќе биде и агресијата во Украина.
На Министерскиот совет е предвидено одржување и на повеќе други, т.н. странични настани, за кои се планирани неколку теми: Украина, климатски промени, млади и цивилно општество.