Во врска со вонредната состојба, вицепремиерот рече дека утре ќе се направи оценка по што ќе се изгради став што ќе му биде предложен на претседателот Пендаровски
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи повтори денеска дека разликите меѓу партиите во однос на изборниот датум не се ненадминливи, така што, според него, може да се постигне консензус по тоа прашање.
„Разликите меѓу политичките партии, вклучувајќи ги и најекстремните позиции по однос на датумот за избори, не се разликуваат повеќе од десет-петнаесет дена. Затоа сметам дека не се ненадминливи разлики и ако деновиве продолжи интензивната комуникација меѓу партиите, како што и се случува, мислам дека може да се сретнеме некаде околу 5 јули“,
изјави Османи.
Ставот на ДУИ, како што посочи, е дека ниту еден општествен процес не смее да ја влоши здравствената состојба, нешто со што, како што рече, се согласуваат сите политички партии и оти треба да има консензус по однос на датумот за избори бидејќи инклузивноста во процесот е многу важна за изборите.
„Не вреди за 10-15 дена да ја внесеме државата во политичка криза. Очекувам сите да бидеме на ниво на одговорноста што ја имаме и да се сретнеме во смисла на потврдување на датум“,
рече Османи.
Најмалку што ѝ треба на државата во услови на пандемија, на здравствена и економска криза, потенцира вицепремиерот, е политичките партии да се поларизираат до екстрем, што ќе ја доведе државата до политичка криза. Тоа, вели, не го посакуваат граѓаните и не ѝ треба на државата.
Во врска со вонредната состојба, Османи рече дека утре ќе се направи оценка по што ќе се изгради став што ќе му биде предложен на претседателот Стево Пендаровски.
„В петок имаме седница на Кризниот штаб. Ќе се направи анализа на трендот на бројките и заедно со Комисијата за заразни болести до претседателот ќе го предложиме нашиот став“,
најави вицепремиерот Османи.
