Во рамките на својата програма, Османи најави изградба на две нови големи градинки, „Снежана“ и „Росица“, во кои ќе има најсовремени услови

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од Демократската унија за интеграција (ДУИ), Бујар Османи, денеска претстави сеопфатен план за подобрување на состојбата во сите училишта во општината што ќе го реализира доколку победи на локалните избори закажани за 19 октомври. Османи истакна дека училиштата и градинките се во алармантна состојба, која не смее да се дозволи.
„Проблемот со училиштата е посебен предизвик, и овде планираме целосна реновирање на сите училишта. Нашите училишта протекуваат на крововите, нашите училишта имаат санитарни јазли кои децата не ги користат“,
истакна Османи.
Османи најави дека обновата на училиштата ќе вклучува целосен ремонт на објектите, со замена на крововите и санитарните јазли, опремување на училниците според најновите стандарди, вклучително и STEM-училници со потребната технологија и вештачка интелигенција, како и обезбедување доволно училишни дворови со соодветни игралишта и зелени површини.
Тој најави и нов концепт „Училиште, нашиот втор дом“, проект кој ќе им овозможи на децата да останат и по завршувањето на наставата за дополнителни активности.
Османи потенцираше дека обновата мора да оди рака под рака со враќање на достоинството на наставничката професија, најавувајќи стимулации за наставниците кои организираат спортски или други активности надвор од редовната настава.
Кандидатот за градоначалник сподели податоци за споредба на состојбата во Чаир и Центар, кои се соседни општини.
„Направивме споредба на училиштата во Чаир со оние во Центар и во една држава од Европската Унија. Разликата е поголема помеѓу училиштето во Чаир и она во Центар, отколку помеѓу Центар и едно училиште во ЕУ“,
изјави Османи.
Како главен проблем за предучилишното образование, Османи го посочи недостигот на градинки и нивната лоша состојба, каде што се „преоптоварени, а родителите сами купуваат основни работи“.
Во рамките на својата програма, Османи најави изградба на две нови големи градинки, „Снежана“ и „Росица“, во кои ќе има најсовремени услови.
Проектите ќе бидат изработени од тимот на светски реномираниот архитект, Мишел Ројкинд.
Тој го посочи проектот за градинката „Бамби“, кој го има одобрено како вицепремиер, како доказ за својот кредибилитет да ги реализира овие ветувања.
„Имам мало дете кое оди во градинка и не можам да дозволам во една постела да лежат две или три деца. Не можам да дозволам ваков стандард за нашите деца“,
додаде Османи нагласувајќи дека образованието ќе биде број еден приоритет.
По завршувањето на прес-конференцијата, Османи заедно со група наставници, одржа марш на промена и надеж.