Шефот на дипломатијата вели дека ќе се користат механизмите на НАТО и националните сертификати, како и други инструменти за да се направи целосен ветинг
Вонреден ветинг на сите дипломати најави министерот за надворешни работи, Бујар Османи, откако вчера беше објавено дека македонски дипломат кој бил баран со меѓународна потерница е приведен во Србија.
Уапсениот е дипломат кој е на мисија во Виена, а како што објавија повеќето медиуми станува збор за Миле Миленковски, заменик-шефот на мисијата на ОБСЕ во Австрија.
„Јас презедов серија на мерки и одлуки, во смисла на одлука за отповикување односно повлекување од мандатот и прекинување на мандатот во Виена, мирување на работното време бидејќи законот не дозволува поинаква одлука се до расчистување на состојбата. Меѓутоа, решив да се направи вонреден ветинг на сите дипломати од МНР користејќи ги механизмите на НАТО сертификати, националните сертификати и други инструменти за целосен ветинг на дипломатите со цел да не ни се случат вакви работи“,
изјави денеска министерот Османи.
Делото за кое се барал дипломатот е сторено во 2018 година, за време на приватно патување во странство. Со него приведен е уште едно лице, поранешен дипломатски службеник. Тие се наоѓаат во екстрадиционен притвор во Србија.
Порталот „МКД.мк“ вчера повикувајќи се на потврди од повеќемина дипломати во МНР, објави дека во случајот станува збор за скандал во кој е инволвирана Ерменија, а Интерпол води истрага.