Откако на сите ќе им се зголемат платите, тогаш и на политичарите. Тоа е од етички аспект. Од практичен аспект ви велам дека е демагогија секој што ќе каже дека не му важна платата во овие тешки времиња за сите граѓани, вели Османи
Одговорот за покачувањето на платата на функционерите има два дела, практичен и етички. Од практичен аспект секој политичар што ќе каже дека не му е важна платата, тоа не е добра порака бидејќи веројатно има други извори. Јас немам друг извор за живеење освен оваа плата. Така што се разбира дека секој би сакал да има поголема можност. Но, од етички аспект мислам дека политичарите треба да бидат последни на листата на граѓани кои треба да имаат зголемување на платите. Вака министерот за надворешни работи Бујар Османи одговори во врска со одлуката на Уставниот суд за зголемување на платите на функционерите.
„Да, треба да има зголемување затоа што платите се скандалозно мали, меѓутоа треба да бидат последни на листата. Откако на сите ќе им се зголемат платите, тогаш и на политичарите. Тоа е од етички аспект. Од практичен аспект ви велам дека е демагогија секој што ќе каже дека не му важна платата во овие тешки времиња за сите граѓани“,
рече Османи денеска на настан за одбележување на Месецот на Франкофонијата на кој заедно со францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, засадија 10 садници.
Османи рече дека информацијата ја слушнал вчера од медиумите и не ги знае деталите за таа одлука, меѓутоа според него од етички аспект први на ред за покачување на плата треба да бидат граѓаните кои земаат околу минимална или просечна плата, а потоа и другите.
На прашањето дали се согласува со ставот на претседателот Стево Пендаровски дека Владата може да не ја прифати ваквата одлука на Уставниот суд, Османи рече дека треба да ги види деталите за тоа за што се однесува ова зголемување на платите.
„Колку што разбрав вчера, поништен е членот со кој се замрзнува основицата од пред 15 години. Но, сепак треба да расправаме на Влада и да видиме. Мојот став на Влада ќе биде тоа дека додека на сите не им се зголеми, посебно на граѓаните кои земаат плата блиска до минималната или просечната, политичарите треба да чекаат“,
додаде Османи.
Според него фокусот треба да биде на тоа, не само затоа што тоа е добро за увото на граѓаните туку поради поради морален, етички аспект на функционирање на државата политичарите треба да бидат тие што даваат пример.
„И затоа е многу важно прво да се адресираат прашањата на социјално загрозените категории, на семејствата кои не можат да поврзат крај со крај на месецот, а потоа да зборуваме за зголемување на платите на политичарите“,
додаде тој.
Сепак, според него, и прашањето за платите на политичарите е важно и во борбата против корупцијата и во борбата за привлекување поквалитетни кадри во политиката. Инаку, како што рече Османи, со ова ниво на плати се разбира дека нема секој граѓанин, кој е квалитетен и може да и нуди на политиката, да се одлучи да се занимава со ова.