Министерот на состаноците разговарал и за билатералните односи на нашата земја со Грција при што посочил дека Северна Македонија и Грција се вистински пример за добри соседи и пример како да се изгради стабилно и долгорочно пријателство засновано на меѓусебна доверба и почит
Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска отпатува за Атина каде што имаше средби со грчкиот колега Никос Дендиас и министерот за животна средина и енергетика на Грција, Костас Скрекас.
Преспанскиот договор и придобивките од него во билатералните односи, но и соработката во енергетскиот сектор биле меѓу главните теми на кои Османи разговарал со двајцата грчки министри.
На состанокот со Дендиас, Османи нагласил дека растот на трговската размена меѓу Северна Македонија и Грција за 100 отсто е најдобар показател за новото поглавје на билатералните односи благодарение на Преспанскиот договор.

„Навистина сум задоволен што односите меѓу Северна Македонија и Грција се вистински пример за добри соседи и пример како да се изгради стабилно и долгорочно пријателство засновано на меѓусебна доверба и почит. Имаме договор за стратешко партнерство, чие доследно спроведување претставува основа за понатамошна соработка и дополнително зајакнување на нашите блиски односи”
вели Османи.
Средбата со Скрекас, пак, заврши со порака дека енергетската безбедност станува многу важен елемент на безбедносната агенда.

„Во фокусот на дискусиите: соработка во енергетскиот сектор меѓу двете земји, со посебен фокус врз гасното поврзување, нашето вклучување во терминалот за течен гас Александропулос и диверзификацијата на снабдување со енергенси во контекст на актуелната криза“,
објави Османи по состанокот со грчкиот министер за енергетика.