Како што посочи Османи, „Европскиот фронт“ нуди живот, наспроти опцијата што бара 61 пратеник за да се исклучат другите
Интеграција наспроти изолација, соживот наспроти етничка недоверба и тензија, прогрес наспроти враќање назад се двете алтернативи помеѓу кои граѓаните на претстојните избори ќе треба да избираат, им порача денеска на охриѓани претседателскиот кандидат на ДУИ, Бујар Османи.

Тој вети дека како претседател ќе го заокружи евроинтегративниот процес на земјата.
„Претстојните избори имате избор меѓу две алтернативи – интеграција наспроти изолација, соживот наспроти етничка недоверба и тензија, прогрес наспроти враќање назад. Тоа се двете понуди што им се нудат на граѓаните на овие избори. Како кандидат на Европскиот фронт ја нудам интеграцијата во ЕУ, и тоа во наредните пет години. Заокружување на седум години напор да станеме членка на Унијата. Ако ми успеа како министер да ги отворам преговорите со ЕУ, како претседател можам да ветам дека ќе го заокружам тој процес и до крајот на мандатот да станеме членка на ЕУ“,
рече Османи на предизборната средба со жителите на Охрид.
Како што посочи Османи, Европскиот фронт нуди живот, наспроти опцијата што бара 61 пратеник за да се исклучат другите.
„И денеска ѝ пратив порака на мојата противкандидатка Гордана Силјаноска. Барањето 61 пратеник е спротивно на сите начела на соживотот и мултуетничката демократија. Да прекинеме со говорот на омраза. Оваа држава може да биде богата, просперитетна и успешна, само ако сите имаме еднакви права и можности. Тоа го нудам јас како кандидат за претседател“,
рече Османи.