Ова, од индиската престолнина денеска го порачал министерот за надворешни работи за време на средбата со потпретседателот на Индија, Џагдееп Дханкар. Османи и неговиот домаќин изразиле подготвеност за јакнење на соработката, главно во економијата и бизнис-вмрежувањето, но и парламентарната соработка и културната размена
Разликата во големината на двете земји, бројноста на населението, како и географската оддалеченост, не треба да бидат пречка за меѓусебно пријателство, добри билатерални односи и мултилатерална соработка.
Ова, од индиската престолнина Њу Делхи денеска го порачал министерот за надворешни работи Бујар Османи за време на средбата со потпретседателот на државата, Џагдееп Дханкар.

„И покрај нашите надворешнополитички приоритети, од особена важност е интензивирањето на соработката и искористувањето на потенцијалите со земјите од Централна и Јужна Азија, посебно со Индија, со која нè поврзува Мајка Тереза. Ликот и делото на Мајка Тереза секогаш ќе биде дел од нашите истории и ќе остане во колективната меморија на нашите земји”,
рекол Османи.
На средбата, како што информираа од МНР, биле поздравени пријателските односи меѓу С Македонија и Индија и реафирмирани заемните заложби за зајакнување на соработката, главно во економијата и бизнис-вмрежувањето.
Османи и неговиот домаќин Дханкар изразиле и подготвеност за јакнење на парламентарната соработка, унапредувањето на договорната рамка и интензивирањето на културната размена меѓу двете земји.

„Османи го поздрави и го честиташе последното високо достигнување на Индија во светски рамки, со првото успешно слетување на јужниот пол на Месечината како сериозен исчекор и голем успех не само за индискиот народ, туку и за целокупното човештвото“,
се додава во соопштението на Министерството.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи денеска и утре е во дводневна официјална посета на Индија. Освен со потпретседателот на државата, тој ќе се сретне и со други високи претставници на Република Индија.
За време на престојот во Индија, Османи ќе ја посети и Калкута, каде што ќе оддаде почит на животот и делото на Мајка Тереза. Во Калкута, Османи ќе се сретне со високи претставници на Западен Бенгал, како и со претседателката на Инвестицискиот самит на Западен Бенгал, Вандана Јадав.
