„Светот разбра дека оваа ситуација е неодржлива, и само со едно излегување на гласање на 19 октомври ќе постигнеме многу победи: ќе го ослободиме Чаир од канџите на корупцијата, ќе ја урнеме најантиевропската и најантиалбанска влада што ја имала оваа држава, но и ќе ја урнеме мицковистичката идеја што сака повторно да воспостави моноетничка доминација овде“, рече тој на вечерашниот митинг
Кандидатот за градоначалник на Чаир на коалицијата „Национална алијанса за интеграција“, предводена од ДУИ, Бујар Османи на вечерашниот митинг во општината, меѓу другото, рече дека во Брисел очекуваат нова влада во Македонија која ќе ги спроведе уставните измени.

Имено, Османи на собирот кажа дека добил директна порака од висок претставник на Европската Унија, со која се потврдува поддршката од Брисел за европскиот пат на државата, како и очекување дека нова влада ќе ги спроведе уставните измени веднаш по изборите во октомври.
„Денес во нашата земја е претседателката на Европската комисија, која излезе со многу јасна порака за нашата држава. Еден важен пријател од Брисел денес ме извести, и со одговорност го кажувам ова пред вас, ми рече: прашај го Али Ахмети и лидерите на НАИ дали можат да се обврзат пред Брисел дека веднаш по октомври, кога ќе се формира новата влада, ќе се обврзе за уставните измени“,
рече Османи.
Тој додаде дека веќе ја презел обврската пред Брисел, бидејќи, како што нагласи, Али Ахмети и „Националната алијанса за интеграции“ отсекогаш биле двигатели на европските процеси во државата.
„Светот разбра дека оваа ситуација е неодржлива, и само со едно излегување на гласање на 19 октомври ќе постигнеме многу победи: ќе го ослободиме Чаир од канџите на корупцијата, ќе ја урнеме најантиевропската и најантиалбанска влада што ја имала оваа држава, но и ќе ја урнеме мицковистичката идеја што сака повторно да воспостави моноетничка доминација овде“,
порача Османи.
Тој упати повик до граѓаните да излезат масовно на изборите в недела, оценувајќи дека секој глас ќе биде глас за европска, правична и модерна држава.
„Секој ваш глас е камен во темелот на новиот Чаир, камен во темелот на новата Македонија, каде Албанците и другите заедници се рамноправни“,
рече Османи.
Претходно, во своето обраќање тој порача дека по две децении неправда, корупција и злоупотреби конечно е дојдено време Чаир да се ослободи од групата луѓе што ја држела општината во заложништво.
„Чаир дваесет години го држеа во заложништво група луѓе што им ги украдоа соништата на своите жителите, ја злоупотребија нашата доверба и профитираа од вашето разочарување и чувството дека можеби не може подобро. Но, од денес кажуваме крај, и на разочарувањето, и на стравот и ја започнуваме промената на Чаир“,
рече Османи.
Во овој контекст, кандидатот на НАИ за градоначалник на оваа скопска општина истакна дека изборите в недела не се обични, туку, како што рече, пресудни, бидејќи преставуваат борба помеѓу народот и таа група луѓе што две децении го уништувала општествениот, економскиот и урбаниот живот во Чаир.

На собирот тој говореше и за одговорноста на сите што во минатото ја поддржувале старата структура, вклучително и тој самиот, и нагласи дека денес со храброст ја признава грешката.
„Свесен сум дека некои од вас ја изгубиле довербата во политиката. Велат: ‘вие ни ги донесовте тие, сите сте исти’. И ако имам некоја слабост, ако имам чувство на совест, одговорност и вина во оваа изборна кампања, тоа е што им верувавме и ја баравме вашата доверба за нив. И имам храброст тоа да го признаам како грешка“,
рече Османи.
Тој додаде дека граѓаните заслужуваат општина со европски дух и човечко лице, која нема да им служи на партиски центри на моќ, туку на потребите на секој жител.
„Ќе продолжам да верувам, дури и ако сум сам во тоа, сè додека таа верба не стане заедничка и не се претвори во колективно движење за подобар Чаир: европски, достоинствен, чесен и уреден“,
порача кандидатот на НАИ за градоначник.