Имајќи предвид дека во Република Северна Македонија е клучот за деблокирање на целиот регион, мислам дека вклучувањето на сите чинители во државата во правец на изнаоѓање решение, на започнување на преговорите ќе биде запаметено како суштински придонес не само за државата туку и за регионот, вели Османи

Завршувањето на изборите во Северна Македонија и Бугарија создаде предуслов за една политичка стабилност и предвидливост во двете држави, а со тоа и потреба за рефокус на ангажманот и енергијата за надминување на бугарската блокада на патот кон ЕУ, порачува шефот на дипломатијата Бујар Османи.
Тој пораката ја испраќа од Брисел, каде што се наоѓа во дводневна посета со цел да се утврдат следните чекор во пресрет на декемврискиот самит на ЕУ кога земјава очекува конечно да се започнат пристапните преговори. Отворањето на преговорите, според министерот, би бил суштински придонес не само за Северна Македонија туку и за целиот регион.
„Ја искористив оваа можност првиот ден после изборните процеси, да дојдам на дводневна работна посета во Брисел за да се сретнам и со мојот колега од Република Бугарија, меѓутоа и со високи претставници на ЕУ за да ги утврдиме наредните чекори во пресрет на декемврискиот самит на ЕУ како една можност за започнување на преговорите. Се разбира дека нема да биде лесно, но оттука придонесот на секој во отворањето на ова ново поглавје за државата која ќе ја приближи на еден чекор до ЕУ ќе биде од суштинско значење. А, имајќи предвид дека во Република Северна Македонија е клучот за деблокирање на целиот регион, мислам дека вклучувањето на сите чинители во државата во правец на изнаоѓање решение, на започнување на преговорите ќе биде запаметено како суштински придонес не само за државата туку и за регионот“,
вели Османи во изјавата од Брисел.
Меѓу средбите на шефот на дипломатијата беа и со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, на која, како што соопштија од МНР биле реафирмирани позитивните оценки на ЕК за земјата по однос на сите параметри, како и повиците кон земјите-членки на ЕУ без одложување да се одржи првата меѓувладина конференција.