На маргините на форумот во Блед, шефот на дипломатијата остварил средба и со новата министерка за надворешни работи на Франција, Лоранс Бун, со која разговарале за отпочнатите преговори со ЕУ. Во таа насока, Османи ѝ се заблагодарил и за ангажманот на францускиот претседател Макрон и на француското претседателство со ЕУ за надминување на блокадата од Бугарија

Првпат по 20 години, на еден меѓународен форум Северна Македонија се претставува како земја со започнати преговори за членство во ЕУ, порача шефот на дипломатијата Бујар Османи во изјава од Блед, Словенија, каде денеска и утре учествува на традиционалниот 17. Бледски стратешки форум кој е насловен „Владеење на моќта или моќта на правилата“.
„Ова најверојатно е првиот форум после 20 години на којшто претставник на Република Северна Македонија ќе треба да има поинаков наратив. Сега имам привилегија на овој форум да претставам држава којашто има започнато преговори со ЕУ. Ќе ја промовирам РСМ, вредностите кои таа ги има и предизвиците со кои ќе се соочи во овој преговарачки процес, почнувајќи со скринингот кој за неколку дена почнува во делот на кластерот фундаменти“,
вели Османи.
Министерот во изјавата од Словенија понатаму се осврнува и на скринингот каде вели дека тоа е еден од најсуштинските елементи на самите преговори со Унијата бидејќи, нагласува, тоа што ќе го утврди скринингот, тоа ќе ги дефинира и динамиката и начинот на преговорите.
За време на форумот, тој додава и дека ќе оствари неколку билатерални средби со претставниците од регионот и Европа на кои се разговара за регионалните и европските предизвици, но и за билатералните соработки.
Една од средбите која веќе ја одржа е у со државната министерка за Европа во француското Министерство за Европа и надворешни работи на Франција, Лоранс Бун, на која тој ѝ честитал за преземањето на функцијата.

„Во фокус на разговорите беше нашиот евроинтегративен процес во светло на отпочнатите пристапни преговори, при што соговорниците заклучија дека Европската унија испрати силна порака дека интеграцијата на регионот го смета за прашање од геостратешки интерес. Министерот Османи изрази благодарност за ангажманот на францускиот претседател Макрон и на француското претседателство со Советот на ЕУ за надминување на блокадата на нашиот евроинтегративен пат, што ја покажува посветеноста на Франција на европската перспектива на нашата држава“,
соопштија од МНР.
Двајцата соговорници, додаваат од Министерството, разговарале и за актуелната ситуација во Украина и за справувањето со безбедносните предизвици.
