Во разговор за МИА, шефот на македонската дипломатија вели дека на Грција се гледа како олеснувач на европската перспектива на регионот, додека за односите со Бугарија рече дека во овој период акцентот ќе се стави на Акцискиот план и на соработката помеѓу секторите
Во последните месеци, додека се разговараше за усогласување на преговарачката рамка и за почетокот на преговорите, имаше принципиелна поддршка од Грција. Грчката позиција беше јасна дека Република Северна Македонија треба да ја одржи првата меѓувладина конференција и треба да се прифати рамката таква каква што е предложена од страна на Комисијата. Мислам дека тоа е важно и очекуваме дека таа поддршка ќе продолжи и понатаму, сега во оваа фаза кога работиме за да се усогласи рамката, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи во разговор за МИА, за време на неговата посета на Атина.
Понудија ли некаква конкретна иницијатива, помош, за да се тргне бугарското вето? Би можела ли Грција да помогне?
„Видете, се разбира за усогласување на рамката потребен е консензус на сите земји членки и оттука комуникацијата, разговорите со земјите членки за да се објасни нашата позиција се многу важни. Самиот министер рече дека Грција се гледа како фасилитатор, како олеснувач на европската перспектива на регионот и тоа е многу важно заради влијанието на Грција, искуството на Грција да ја има таа улога на олеснувач за регионот да влезе во Европската Унија, па и во тој контекст да се олесни патот на Република Северна Македонија, така што очекувам да имаме поддршка од Република Грција на овој пат“.
До каде се разговорите со Бугарија? Има ли нешто ново? Иако тоа не е темата овде во Грција, меѓутоа е актуелно прашање?
„Мислам дека во овој период акцентот ќе се стави на Акцискиот план, на соработката помеѓу секторите, помеѓу линиските министерства за да се подобри генерално соработката за да создаде амбиент, кој што за жал поради овие разлики во овој период делумно е нарушен и мислам дека ако ставиме фокус на тој Акциски план ќе создадеме предуслови за решавање на разликите кои што постојат во однос на преговарачката рамка“.
Меѓу темите за кои разговаравте со Дендиас беше и прашањето со вакцините против ковид-19, за што тој рече дека ќе вложи напор. Постои нешто конкретно?
„Разговаравме, јас го искажав мојот став дека е важно Западниот Балкан да не биде одвоен од Европската Унија во овој процес на вакцинација, бидејќи навистина Европската Унија покажа висок степен на одговорност во текот на справувањето со пандемијата, едноставно Западниот Балкан беше третиран како да е дел од Унијата и во делот на заедничките набавки и во делот на медицинската помош и во делот на извозот на медицински материјали и требаше и треба да се круниса таа конструктивна поставеност на Европската Унија кон Западен Балкан со заеднички почеток и на вакцинацијата. Така што сметам дека се уште има простор Западен Балкан да се вклучи во тој систем многу брзо, да нема никакво одвојување, бидејќи сепак Западниот Балкан е дел од Европа, еден ден ќе биде дел од Европската Унија и ќе треба од сега да се третира, посебно за прашање на здравствени предизвици како што е пандемијата“.
За време на средбите, разговаравте и за одржување на втората меѓувладина седница меѓу Северна Македонија и Грција во Атина.
„Двете страни изразивме подготвеност да се одржи вториот состанок на Високиот комитет, така што многу брзо очекуваме да се одржи“.