Се формира работна група која ќе треба да соработува со правосудните органи за да се подготви план за ветинг, а од сите раководни позиции и од идни амбасадори ќе се бара да го поминат најстрогиот ветинг преку системот на НАТО сертификатите
Вознемиреност и непредвидливост предизвика последниот случај со приведувањето на дипломат од Министерството за надворешни работи, вели шефот на дипломатијата, Бујар Османи, кој додава дека овој случај ја разнишува и довербата и авторитетот на куќата и затоа досега се преземени неколку итни мерки.
„Не само како обврска кон нашите државни интереси, туку како земја членка на НАТО, како идни претседавачи со ОБСЕ во 2023 година, ние имаме обврска да воспоставиме непропустлив систем на сертификација и проверка на дипломатскиот кадар со цел да ја вратиме довербата и во институцијата и во државата“,
вели Османи.
Тој повтори дека на вработениот во МВР работниот однос му е ставен во мирување и е повлечен од неговите задолженија на мисијата на ОБСЕ. Понатаму, вели Османи, почната е постапка за формирање работна група која ќе треба да соработува и со правосудните органи за да се спроведе ветинг.
„Второ, пуштив итна процедура за формирање работна група која треба да изврши првична итна ревизија на состојбите со сертификатите и документацијата со цел да се утврди дали постои одредена иманентна закана за сигурноста и доверливоста на куќата, особено закана која е поврзана со предметниот случај. Трето, работната група ќе добие и задолжение да оствари и меѓуресорска соработка со правосудните служби и службите за безбедност, со цел да се подготви план за вонреден ветинг на дипломатијата; оваа работна група ќе треба да ја оформи и меѓуресорската комисија која ќе ѝ биде предложена на Владата, која, пак, ќе треба да го спроведе вонредниот ветинг преку процесите на сертификација и дополнителна безбедносна проверка“,
објави Османи.
Од сите раководни позиции односно директори и раководители на сензитивни позиции, шефот на дипломатијата вели дека ќе побара задолжително да поминат најстрог ветинг преку системот на НАТО сертификат, а истиот принцип ќе биде задолжителен и во пополнувањето на амбасадорските места.
Денеска се огласи и Советот на амбасадори, кој изрази разочараност во врска со информацијата за меѓународната истрага врз дипломат од МНР и други лица кои во моментов не се во активна дипломатска служба.
„Како здружение на граѓани кое во својот состав вклучува поранешни угледни дипломати од највисок ранг, Советот на амбасадори укажува дека оваа нерешена загатка кај македонската инертна и нереформирана дипломатска служба, не оди во прилог на меѓународниот углед на нашата држава, дури, дополнително го оптоварува и нашиот интегративен процес во ЕУ“,
пишува во реакцијата на Советот.
Оттаму потсетуваат дека постојано укажуваат на потребата од брза професионализација и осовременување на дипломатската служба според меѓународните стандарди, со што таа би можела успешно да придонесе во подобро позиционирање на нашата држава на меѓународната сцена.
Случајот со приведениот дипломат, вмешан во скандал во Ерменија, во јавноста беше објавен пред два дена. Како што објавија повеќе медиуми, станува збор за дипломатот Миле Миленковски, заменик-шеф на мисијата на РСМ при ОБСЕ во Австрија, а беше уапсен во Србија, бидејќи по него била распишана меѓународна потерница.