Објавата на ексминистерот за надворешни работи и кандидат за градоначалник на Чаир на „Европскиот фронт“ следува откако владејачката коалиција ВЛЕН го обвини дека во четиригодишниот мандат како министер повеќепати се сретнал со српските отколку со косовските власти и оти во Белград остварил 11 средби, а во Приштина ниту една
Поранешниот министер за надворешни работи и кандидат на „Европскиот фронт“ за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, попладнево на својот фејсбук-профил објави неколку фотографии од средби со косовски политичари, за кои вели дека се направени во текот на неговиот министерски мандат.

Објавата на Османи следува откако претходно денеска владејачката ВЛЕН го обвини дека во четиригодишниот мандат како министер за надворешни работи повеќепати се сретнал со српските отколку со косовските власти и оти во Белград остварил 11 средби, а во Приштина ниту една.
„Излегоа со официјална изјава во која велат дека наводно никогаш не сум го посетил Косово за време на мојот мандат. Без никакво чувство на срам и загриженост дека јавно лажат. За нив, лажењето стана нормално. Знаат дека поминува. Но, овие избори се токму за ова – да се стави крај на нормализацијата на лажењето“,
пишува Османи во објавата на Фејсбук.
Во прилог на објавата, ексминистерот објави фотографии од средби со косовски политичари, меѓу кои актуелната претседателка Вјоса Османи, актуелниот премиер на Косово, Албин Курти, како и Хашим Тачи – поранешен премиер и претседател на Косово.