Според него, средбите на шефовите на дипломатиите се класифицирани информации и според закон не се откриваат
Средбите на министрите за надворешни работи се класифицирани информации и по закон не можат да се откријат. Ова денеска го изјави потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), поранешен шеф на дипломатијата и актуелен кандидат за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, одговарајќи на новинарско прашање дали имал средба со поранешниот премир и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, а сега бегалец во Унгарија.

Тој не даде конкретен одговор на новинарското прашање, посочувајќи дека средбите на шефовите на дипломатиите се класифицирани информации и според закон не се откриваат.
„Средбите на министерот за надворешни работи се класифицирани средби и по закон не можат да бидат презентирани. Но, дури и да имало нешто вакво, тоа би било во рамките на функцијата министер за надворешни работи и тоа се класифицирани информации“,
кажа тој.
Од Коалицијата ВЛЕН вчера побараа од Бујар Османи да одговори зошто бил во Унгарија да се сретне со поранешниот премиер Никола Груевски.
„Што побаравте од него, кој избега од правдата“,
прашаа од ВЛЕН.
Според коалицијата, токму поради тоа, Османи не треба да зборува за ветинг и за реформи и да проповеда политички морал.
Пред неколку дена, одговарајќи на новинарско прашање дали е вистина дека побарал помош од Унгарија за подобрување на односите со ВМРО-ДПМНЕ, Османи рече дека ваквите обвинувања се смешни спинови.
„Овие партиски спинови станаа смешни, го покажав мојот став вчера, народот се крена, ова не е работата за која бараме помош, не бараме помош од ниедна политичка партија, јас барам гласови од секој граѓанин. Се потпирам зад луѓето, зад ова движење и мојата цел на овие избори е само институционално да ја насочам енергијата на отпорот, движењето на отпорот што е создадено во Чаир, да го предводам референдумот, референдумот што ќе се одржи во Чаир на 19 октомври“,
кажа тој.
Ја обвини владата дека со своите напади кон него, всушност, се обидува да ги прикрие своите нефункционалност и неуспех да ѝ обезбеди европска иднина на државата.
Претходно Османи изјави дека од владејачката ВМРО-ДПМНЕ преку приватни канали добиваат пораки за затоплување на односите со Демократската унија за интеграција (ДУИ).