И покрај ова, Османи изјави дека и натаму постои надеж и политичка клима дека до договор сепак ќе дојде
Шефот на дипломатијата Бујар Османи вечерва во своето гостување во емисијата Клик плус на ТВ21 изјави дека се уште немаме постигнато формален договор со Бугарија, ниту пишан, ниту усмен.
„За секој проблем постојат решенија и токму за тие дискутираме. Но, некои од решенијата не ја добиле потребната потврда, затоа моментално немаме никаков договор со Бугарија, ниту потпишан ниту усмен. Но, мислам дека има сè уште надеж, има политичка клима за ова да се случи, доста работевме на ова и мислам дека во добар правец. Сите политички фактори во земјава сме на истата страна. На пример вчеравечер до рано изутрината преговаравме и разговаравме со бугарската страна и за тоа ги информирав и премиерот и претседателот на државата, сте сме на иста линија“,
изјави Османи.
Тој се осврна и на неодамнешната шега на албанскиот премиер Еди Рама, за време на самитот на ПСЈИЕ во Солун викендов, претставувајќи го премиерот Димитар Ковачевски, како премиер на „идна Западна Бугарија“.
„Премиерот Рама беше многу остар кон бугарската делегација во Солун, до толку што и тие се вознемирија, посебно кон прашањето за Македонија велејќи дека ова што го прави Бугарија е голем срам“,
истакна Османи.
