Шефот на дипломатијата рече дека назначувањето на експремиерот Владо Бучковски за специјален претставник за Бугарија ќе даде порака дека сме сериозно посветени на билатералните односи и на имплементацијата на Договорот, а во однос на конкретните активности посочи дека веќе идната недела Бучковски би можел да ги има првите средби
Имаме недвојбена поддршка не само од Холандија туку од сите земји-членки на ЕУ. Останува прашањето со Република Бугарија, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи одговарајќи на новинарско прашање во однос на информациите кои претходно излегоа дека и Холандија и Данска се против почетокот на преговори на земјава со Унијата.
„Холандскиот министер за надворешни работи во холандскиот парламент јасно ја образложи поддршка на Холандија за започнување на преговори на Северна Македонија, констатирајќи го прогресот на земјата и во делот на надминување на разликите и во делот на реформскиот пат“,
рече Османи.
Шефот на дипломатијата ја потенцираше и реакцијата на холандската амбасада во Скопје со која информациите дека оваа земја се противи на почетокот на преговорите ги нарекоа лажни.
Османи зборуваше и за работата на заедничката историска комисија помеѓу Северна Македонија и Бугарија, која вчера и денеска одржува состанок, но не сподели детали и рече дека треба да се почека да заврши средбата.
Министерот повторно зборува и за назначувањето на експремиерот Владо Бучковски за специјален претставник за Бугарија и рече дека тоа според него ќе даде порака дека сме сериозно посветени на билатералните односи и на имплементацијата на Договорот. Во однос на конкретните активности на Бучковски, Османи рече дека се прават аранжмани за негово заминување во Софија, и веќе идната недела да може да ги има првите средби.
„За што се разговара? Рамката е утврдена уште од 2017 година во Договорот за добрососедство. Во моментот и работните групи и јас и премиерот разговараме за надминување на разликите во очекувањата и во погледите по однос на прашањата. Се надевам дека Бучковски ќе биде примен во Бугарија на највисоко можно ниво за да може да разговараме отворено за можностите за надминување на разликите уште сега, за да може да пристапиме кон одржување на првата меѓувладина седница“,
изјави Османи.
Тој посочи дека Бучковски ќе работи под инструкции и во рамки на МНР и Владата, а аранжманите за неговите посети и средби ги прави Министерството, во координација со него.