Овие проекти, според Османи, ќе бидат финансирани преку европски фондови, при што ЕУ ќе покрие до 85 отсто од трошоците, а останатите 15 проценти ќе бидат покриени од Општина Чаир, со што граѓаните нема да имаат никакви трошоци

Менување на фасадите на сите стари згради и поставување лифтови во оние згради каде што нема, најави кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи.
Тој денеска презентираше дел од приоритетите од неговата програма, а кои се фокусираат на енергетска ефикасност. Османи нагласи дека неговото искуство како поранешен Национален координатор за европски фондови ќе биде клучна предност за обезбедување директна финансиска поддршка од Брисел за Чаир.
Едно од ветувањата на Османи е реновирање на фасадите на сите стари згради во општината. Тој потенцира дека ова не е само естетско прашање, туку витален проект за енергетска ефикасност преку термоизолација, што ќе резултира со намалување на загадувањето и трошоците за греење и ладење.
„Менувањето на фасадите не е прашање само на естетика, тоа е прашање на енергетска ефикасност, тоа значи термоизолација и во зима и во лето, тоа значи помалку загадување“,
изјави Османи.
Тој најави и инсталација на лифтови во зградите што ги немаат, како и реновирање на старите лифтови.
Овие проекти, според Османи, ќе бидат финансирани преку европски фондови, при што ЕУ ќе покрие до 85 отсто од трошоците, а останатите 15 проценти ќе бидат покриени од Општина Чаир, со што граѓаните нема да имаат никакви трошоци.
Османи ја критикуваше власта во Чаир наведувајќи дека „милијарди евра беа на располагање на Северна Македонија низ годините, а нула се искористени во Општина Чаир“. Тој објасни дека причините се недостаток на приоритет, капацитет и аплицирање за проекти.
„Можело милиони евра да се привлечат за да Чаир денеска не биде во хаос“,
нагласи тој.
Како важен приоритет, Османи ја истакна и регулацијата на просторот околу зградите. Тој наведе дека има информации од граѓаните дека „веќе се цртаат згради во парковите во стар Чаир“ и дека се чека само завршување на изборите за да почне уништувањето.
„Нема да дозволам ниту квадратен сантиметар да се злоупотреби од зеленилото на Чаир,“ рече Османи.
Тој заклучи дека неговото познавање на Брисел, европските проекти и луѓето кои ги носат одлуките претставува додадена вредност како градоначалник.
„Бидејќи бев национален координатор за европските фондови го познавам Брисел, ги познавам проектите, ги знам луѓето кои ги носат одлуките, тоа ми е додадената вредност како градоначалник на Чаир бидејќи ќе ги привлечам европските фондови за да се финансираат“,
додаде тој.
Претходно Османи најави конкретни и итни мерки кои вети дека ќе ги спроведе во првите 100 дена од неговиот мандат доколку стане градоначалник.
Тој ги издвои трите клучни приоритети – масовно чистење на општината, формирање на механизам за бескомпромисна борба против корупцијата и итно решавање на сите предмети и барања за легализации на објекти.
„Ако во првите сто дена не го исчистам Чаир, нема да продолжам понатаму“,
рече Османи истакнувајќи дека ова е најважната мерка која директно влијае на квалитетот на живот на граѓаните.
Вториот приоритет, како што рече, е борбата против корупцијата, за која најави формирање на посебен механизам.
Во однос на дивоградбите и правната несигурност, Османи најави итни активности за решавање на наталожените предмети и заштита на граѓаните кои биле измамени при купување станови. Тој нагласи дека нема да дозволи предмети за легализација да се чуваат во „фиока“ за уценување пред избори.