Сепак, прво што треба да се направи, според него, е да се обезбедат семејствата што веќе ги купиле тие станови, а потоа да се направи проверка дали објектите ги исполнуваат стандардите за безбедно домување
Кандидатот за градоначалник на скопски Чаир од „Националната алијанса за интеграција“ (НАИ), предводена од Демократската унија за интеграција (ДУИ), Бујар Османи, на денешната прес-конференција најави дека по стапувањето на функцијата ќе спроведе итни мерки за решавање на проблемот со дивоградбите во општината, нагласувајќи дека граѓаните што биле измамени нема да бидат жртви на овој процес, и оти ќе се најде начин како тие да да ги добијат соодветните документи и да се легализираат имотите.

„Продолжуваме со презентација на интервентниот дел од мојата програма како иден градоначалник на Чаир. Почнавме со корупцијата, продолживме со нечистотијата и недостатокот на паркинг-места, но дивоградбите се една горлива рана и срам на Чаир, што го праваат целиот урбанистички хаос во општината. Првата порака сакам да ја упатам на семејствата што купиле станови во тие дивоградби, што ги потрошиле сите свои животни заштеди да добијат кров над главата. Тие нема да бидат жртва на овој процес и ќе се најде начин како да ги легализираат своите живеалишта“,
рече Османи.
Приказните што ги слуша секојдневно од граѓаните рече дека се стравотни, посочувајќи на голема дивоградбата во населбата Серава, што, според него, е парадигма на лошо и криминално владеење.
„Се сретнав со семејствата таму. Животот им е претворен во кошмар, од моментот кога ги купиле тие станови. Не добиле никаков документ. По десетпати им се препродавани становите. Немаат лифт до десетти спрат, бидејќи не се изградиле. Ходниците се препродавани за комерцијални цели на локалните бизниси. На тие луѓе им е сменет животот, бидејќи некој дозволил да се градат таквите дивоградби. На тоа мора да се стави крај“,
кажа тој.
Прво што треба да се направи, според него, е да се обезбедат семејствата што веќе ги купиле тие станови, а потоа да се направи проверка дали објектите ги исполнуваат стандардите за безбедно домување.
„Да се направи тестирање на структурната стабилност на тие згради бидејќи нашите информации се дека, брзајќи да ги завршат процедурите, не се почитувале правилата на статика, динамика, механика, приклучоците на електрична мрежа, пристапот до вода, и тие објекти се нестабилни. Оценките на некои архитекти се дека еден земјотрес со помала јачина може да ги урне. Не се преземени ниту мерки за противпожарна заштита“,
вели кандидатот на НАИ за Чаир.
Децидно рече дека во неговиот мандат нови дивоградби како комерцијални згради нема да има во Чаир. Во таа насока, најави дека ќе формира кризен штаб кој ќе прави анализа, ќе направи регистар на дивоградби и дигитална мапа или карта со јавен пристап, каде секој граѓанин ќе може да провери дали некој објект има дозвола и кога е издадена.
Но, додаде и дека справувањето со дивоградби нема да значи оти Чаир нема да се развива, а градењето ќе се прави по план и легално.
„Јас не сум против градење. Легални градби ќе има, но Чаир мора да се урбанизира, мора вертикално да се гради, да се создаваат места за паркови, паркинзи, игралишта. Но, тоа ќе биде во рамки на плановите“,
рече тој.
Најави дека ќе се прави ревизија на сите документи во Секторот урбанизам во општината, бидејќи некој мора да има одговорност за дивоградбите, зашто големи пари што требало да се платат за комуналии завршиле во нечии џебови, а дополнително им се уништени животите на жителите.
Начинот на кој се носеле овие одлуки и како се легализирале на нелегален начин, според него, е прашање за Јавното обвинителство, кое ќе го истражи тоа.
„Од 20 октомври престанува изградбата на сите згради што немаат дозвола, не се легални и не се завршени. Тоа е моето ветување“,
кажа Османи.