Во однос на прашањето за употребата на јазиците, тој најави дека ќе одговори со формирање одделение за јазици во Општината. Целта на одделението, како што кажа, ќе биде да се гарантира дека македонскиот, албанскиот, турскиот, босанскиот и ромскиот јазик ќе се имплементираат, негуваат и почитуваат во општина Чаир
Потпретседателот на ДУИ и кандидат за градоначалник на Чаир од „Националната алијанса за интеграција“, предводена од оваа партија, Бујар Османи, најави механизми со кои ќе одговори на укинувањето на „балансерот“ и на, како што рече, обидот за исклучување на јазиците на државно нивно.

Претставувајќи ја својата визија за Чаир, како општина во која, како што кажа, ќе доминираат еднаквоста и достоинството, Османи во две од петте точки што ги наведе се осврна на „балансерот“ и иницијативата во Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците, која досега требаше да се најде дневен ред, но беше одложувана од повеќе причини.
На, како што го нарече, елиминирањето на „балансерот“ на државно ниво, доколку биде избран за градоначалник на Чаир, Османи рече дека тој и неговата администрација ќе одговорат со формирање општински фонд што ќе обезбеди сите млади, без разлика на етничка припадност да имаат еднакви можности за стипендии, за пракси и вработување.
„Овој фонд ќе биде гаранција дека правичната застапеност не е само збор, туку жива пракса“,
рече Османи за време на денешната посета на општината.
Во однос на прашањето за употребата на јазиците, тој најави дека ќе одговори со формирање одделение за јазици во општината. Целта на одделението, како што кажа, ќе биде да се гарантира дека македонскиот, албанскиот, турскиот, босанскиот и ромскиот јазик ќе се имплементираат, негуваат и почитуваат во општина Чаир.
Инаку, прва во сетот мерки, што според Османи треба да го направата Чаир оаза на заедништвото и рамноправноста ќе биде изградба на центар во кој Македонците, Албанците, Турците, Бошњаците, Ромите и сите заедници ќе можат да ги претстават, како што кажа, својата култура и традиција.
„Секоја недела ќе има културна вечер посветена на различна заедница, со музика, гастрономија, дебати и младински проекти. Чаир ќе стане дом на културен дијалог и на пријателство“,
рече тој.
Доколку биде избран, Османи најави и формирање на општински совет за соживот. Како што го опиша, тоа ќе биде тело составено од претставници на сите етнички и верски заедници и кое ќе ја следи и промовира хармонијата и меѓусебната почит.
„Овој совет ќе биде постојан чувар на мирот и заедништвото во нашата општина“,
рече кандидатот на ДУИ за градоначалник на Чаир.
Ден на Охридскиот договор ќе биде уште една од новините што Османи ќе ги воведе во општината доколку ја добие довербата на гласачите.
Како што кажа, секоја година Општината ќе организира прослава, со панел-дискусии за значењето на Охридскиот рамковен договор од кои ќе се потсетува дека рамноправноста и заедништвото не се минато, туку темели на нашата иднина.
Претходно во своето обраќање пред пред граѓаните и медиумите, Османи рече дека иднината на оваа општина и на државата нема да се гради на поделби, туку на надеж, соживот и еднакви можности за сите.
„Нашата земја е создадена како мултиетничка држава. Тоа не е слабост, тоа е најголемата сила што ја имаме. Од Охридскиот рамковен договор наваму научивме дека кога заедниците се почитуваат, кога сите се чувствуваат еднакви тогаш државата оди напред. Кога се руши таа рамнотежа тогаш сите губиме“,
кажа Османи.
Тој наведе дека во последниот период има, како што ги нарече, опасни обиди таа рамнотежа да се загрози, но, додаде, „ние овде во Чаир нема да дозволиме никој да го поништи духот на Охрид“.
„Наша должност е да изградиме пример како различностите можат да бидат богатство, а не причина за поделби. По 19 октомври Чаир ќе стане оаза на заедништвото и рамноправноста… Јас ви ветувам дека во Чаир нема да има граѓани од прв и од втор ред. Нема да има губитници. Сите ќе бидеме добитници во едно општество на еднакви можности, заемна почит и достоинство. Чаир ќе биде пример што ќе покаже дека иднината на Северна Македонија е мултиетничка“,
изјави Османи.