Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска учествуваше на вонредниот состанок на Северноатлантскиот совет на НАТО на ниво на министри за надворешни работи, кој се одржа преку видеоконференциска врска.
Состанокот беше посветен на руското воено групирање околу границата со Украина, како и на други прашања поврзани со европската безбедност.
Вонредниот состанок се одржа во пресрет на закажаниот Совет посветен на односите меѓу НАТО и Русија, како и другите состаноци во различни формати, со цел смирување на кризата и изнаоѓање решение преку невоени, првенствено дипломатски начини на комуникација.

Министерот Османи ја повтори и поддршката на Северна Македонија за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и изрази очекување за мирно решавање на ситуацијата во и околу оваа земја.
Тој Ја подвлече важноста на единството и кохезијата меѓу сојузниците, како силна алатка за зачувување на мирот и стабилноста, но и на блиската соработка со ЕУ и другите земји партнери.