Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска ќе престојува во официјална посета на Бугарија на средба со неговата колешка Екатерина Захариева, но средба ќе има и со премиерот Бојко Борисов.
Првата негова билатерална средба како министер за надворешни работи, Османи ја опиша како остварување на неговиот прв приоритет од мисијата како предводник на дипломатијата.
Османи најави дека отворено ќе се разговара за сите прашања, за работата на мешовитата комисија и за отстранување на сите несогласувања преку засилена политичка и економска соработка меѓу двете земји.
„Фактот дека првата билатерална посета е во Софија е порака сама по себе. Тоа укажува дека одржувањето на односите со соседите е наш сериозен интерес и приоритет. Мислам дека интензитетот на комуникација на политичко ниво и на стручно ниво на кое инсистираме ќе ги отстрани предрасудите кои се создадоа во меѓувреме поради пандемијата и изборите и како резултат на ослабување на динамиката на комуникација. Очекувам по мојата средба, да следува средба меѓу премиерите, со што влегуваме во нов циклус на комуникација, а праксата покажува дека при добра комуникација се наоѓаат и решенија. Оптимист сум дека ќе ги надминеме евентуалните разлики што постојат. Иако рамката е во Договорот за добрососедство, ова е внесување нова енергија и динамика“,
изјави Османи пред три дена.
Неговата посета е претходница на средбата на премиерите Заев и Борисов, која треба да се случи пред 10 ноември.
Како што информира МНР, на денешните средби на Османи ќе се разгледаат можностите за продлабочување на билатералната соработка во областа на инфраструктурата, здравството, одбраната, туризмот, образованието, културата, како и сите други области во кои се остварува успешна соработка согласно напорите за спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.