„Наместо лов на вештерки, треба да ги слушне пораките од претседателот (на Европскиот совет) Кошта и другите сојузници. Нема план Б. Постојат само одговорност и храброст да се реализира планот А. А за тоа потребно е вистинско лидерство. А за лидерство, потребни се лидери“, порача поранешниот шеф на дипломатијата

Премиерот продолжува да посочува виновници за да ги прикрие сопствени неуспеси, реагира поранешниот шеф на дипломатијата Бујар Османи откако премиерот Христијан Мицкоски го обвини дека нанел штета на македонскиот идентитет и народ поради што Македонија се уште не може да ги почне преговорите со Европската Унија.
„Прво преку изборен популизам, ја ограничи можноста дипломатијата суштински да се ангажира и да обезбеди напредок во преговорите со ЕУ. Потоа, целата држава ја стави во заложништво на сопствени ветувања , кои и ден-денес никој не може да ги објасни. На крај, го зароби и сопствениот маневарски простор во политиката – и сега, наместо да ги исполнува условите на ЕУ, тој ѝ поставува услови на Унијата. Ова не е само неисполнето ветување – туку длабоко нарушување на европското досие на државата“,
напиша Османи на Фејсбук.
Мицкоски, не само што нема план, туку никогаш и немал визија за одмрзнување на процесот, додава Османи.
„Наместо тоа, гледаме преместување на фокусот кон алтернативни партнерства, далеку од европската перспектива. Во таа опасна насока, премиерот постојано бега од одговорност, делегирајќи ‘виновници’ и создавајќи поделби. Тоа не е лидерство. Тоа е бегање од одговорност. А фактичката состојба е едноставна и секому јасна: претходната Влада, не поединец, туку цела институционална структура, му остави одличен маневарски простор. Наместо историски или идентитетски прашања, преговарачката рамка го признава македонскиот јазик, ја афирмира мултиетничката демократија и предвидува уставни измени што се веќе дел од нашиот систем“,
пишува Османи.
Според него, Мицкоски има едноставен излез, но самиот се заглавил во ќор-сокак.
„Наместо лов на вештерки, треба да ги слушне пораките од претседателот (на Европскиот совет) Кошта и другите сојузници. Нема план Б. Постојат само одговорност и храброст да се реализира планот А. А за тоа потребно е вистинско лидерство. А за лидерство, потребни се лидери“,
порача поранешниот министер за надворешни работи.
Мицкоски денеска изјави дека проблемот што го направил Османи нѐ довел до ситуација сѐ уште да не можеме да почнеме преговори со ЕУ.
Според него, во колективната меморија ќе остане дека поранешниот шеф на дипломатијата, Бујар Османи, преговарал за македонскиот идентитет.
„Ние ќе бараме начин, ќе градиме доверба и ќе го решиме ова, дали оваа генерација или некоја следна, тоа ќе го решиме, но ќе остане во колективната меморија каква штета нанесе тој човек на македонскиот идентитет и македонскиот народ. Проблемот што тој човек го направи нѐ доведе до ситуација од шампиони во Европа да не можеме да почнеме сѐ уште преговори со Европската Унија. Тој преговараше за македонскиот идентитет и направи грешка и ако мисли дела тоа сме го заборавиле, се лаже“,
рече Мицкоски.