Османи рече дека една од главните улоги што ја гледа во функцијата претседател е дека ќе се заложи да биде компас на евроатлантската ориентација со фокус кон САД, а Стратешкиот дијалог ќе го подигне на ниво на претседатели на држави на највисоко можно ниво

Кандидатот на „Европскиот фронт“, Бујар Османи, вети дека ќе ги заврши иницијативите започнати во рамките на Стратешкиот дијалог со САД, вклучително и либерализацијата на визите.
„Го започнавме овој процес и верувам дека многу брзо ќе можеме да станеме дел од Програмата за глобален влез. Покомплицирано ќе биде целосното отстранување на визите со САД. Тоа значи донесување на некои нови закони и намалување на процентот на одбиени визи. Затоа, формирав меѓуресорско тело на ниво на Влада, кое го водев како министер за надворешни работи, но мислам дека како претседател ќе го издигнам на ниво на претседателство и ќе го водам од улогата на претседател, за да можам со овластување на претседателот брзо да ги одобриме сите мерки што ќе не направат подготвени да шетаме во САД без визи“,
рече Османи на денешната отворена дискусија на тема „Зајакнување на стратешките партнерства со САД и ЕУ и адекватно меѓународно етаблирање преку надворешната политика“.
Османи рече дека една од главните улоги што ја гледа во функцијата претседател е дека ќе се заложи да биде компас на евроатлантската ориентација со фокус кон САД, а Стратешкиот дијалог ќе го подигне на ниво на претседатели на држави на највисоко можно ниво.
Тој ја повтори заложбата дека првата работа што ќе ја направи доколку биде избран за шеф на државата ќе закаже состанок со лидерите на партиите кој ќе трае се додека не се постигне консензус за Европската унија, а втората работа, според него, е консензус по однос на Стратешкиот дијалог со САД.
„Еден од најважните државни консензуси ќе биде постигнувањето консензус за блиско партнерство со САД. Нема алтернатива кога станува збор за нашата безбедност, меѓуетничката хармонија, соседските односи и нашите евроатлантски амбиции. Тие се причината затоа што оваа земја денес е стабилна, затоа што оваа земја денес е мултиетничка и функционална, затоа што оваа земја е во НАТО, затоа што оваа земја е во мир и во економски развој и на пат кон членство во ЕУ”,
истакна Османи, додавајќи дека зад секој успех на нашата заедничка држава стојат САД и нивните напори.
Во овој контекст, Османи го оцени како опасно јавното говорење на политичките противници за кршење на партнерството со САД, Договорот од Преспа и Договорот за пријателство со Бугарија, што, според Османи, ќе ја претвори земјата во, како што рече, „слепо црево” на Балканот, каде што никој нема да влезе ниту да излезе”.
На новинарско прашање во однос на коментарот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека е задоцнета можноста околу градењето консензус за уставните измени и како мисли да се вклучи опозицијата, Османи вели дека тоа не е точно и дека опозициската партија ги манипулира граѓаните во однос на содржината на Францускиот предлог и Преговарачката рамка со погрешно толкување.
„Еве се нудам и сега, ќе ја прекинам кампањата, надвор од очите на јавноста, спремен сум да одам во Белата палата во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ пред сите нивни членови да одговорам на сите прашања, да го претставам и Францускиот предлог и Преговарачката рамка за да видат дека не е точно тоа што го зборуваат, дека ги манипулираат граѓаните и дека најголемиот успех на Преговарачката рамка, постигнат со помош на САД и на Брисел, беше да се сруши бугарската декларација којашто предвидуваше јазикот, идентитетот и историјата да биде на патот на Македонија кон Брисел, и да се помести на човечки и малцински права, внесување на 3,5 илјади Бугари во Уставот“,
рече Османи.
Тој смета дека оној што одбива да ги прифати уставните измени ги предава стратешките партнери бидејќи компромисот е постигнат со нивна помош, потоа со самото одбивање повторно би се вратиле на темата – историја и идентитетот и како трето наведува дека со секој ден одложено членство во ЕУ, се повеќе Македонци ќе бараат бугарски пасоши за да ја напуштаат државава.
„Ако тоа е патриотизам да ги терате граѓаните лажно да се запишуваат дека имаат бугарско потекло за да заминат од државата, тогаш јас не знам што е патриотизам“,
вели Османи.