„Не знам колку имаме веќе резервни капацитети да издржиме, ги изгубивме луѓето. Ви кажувам – секој ден ми јавуваат амбасадите дека се зголемува бројот на носители на бугарски пасоши. Јас не знам кој е тој патриотизам што вели – ние ќе го кочиме европскиот процес заради нашиот идентитет, а со тоа ги поттикнува граѓаните да одат во Софија, да се потпишат како Бугари за да земат пасош за подобар живот. Тоа е лажен патриотизам“, вели кандидатот на коалицијата „Европски фронт“ за претседател на државата, Бујар Османи, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1

360°: Дали вистинската победа за вас ќе биде да освоите макар еден глас повеќе од Арбен Таравари?
Османи: Не, прво јас ви реков – ова е избор меѓу два концепт: интеграција и изолација. Вистинска победа е да победи концептот на европска интеграција.
360°: А кои се кандидатите на концептот изолација?
Османи: Тие што сакаат да го срушат Преспанскиот договор, да го срушат Охридскиот рамковен договор… Еве, оваа дебата со балансерот е во сржта на Охридскиот рамковен договор, дебатата за јазикот е во сржта на Охридскиот рамковен договор и тие што сакаат да го рушат договорот за пријателство, тоа води до изолација. Ние ќе останеме слепо црево на Балканот, сите држави се движат, Босна и Херцеговина доби кандидатски статус со сите маки, ќе останеме изолирани, ќе заборават на нас, нема никој да ни влезе од странство во државата на посета, ниту ние ќе можеме да посетиме некоја странска држава. Знаете тоа што значи за една мала изолирана мултиетничка демократија.
360°: Издржавме еден таков период.
Османи: Не знам колку имаме веќе резервни капацитети да издржиме, ги изгубивме луѓето. Ви кажувам – секој ден ми јавуваат амбасадите дека се зголемува бројот на носители на бугарски пасоши. Јас не знам кој е тој патриотизам што вели – ние ќе го кочиме европскиот процес заради нашиот идентитет, а со тоа ги поттикнува граѓаните да одат во Софија, да се потпишат како Бугари за да земат пасош за подобар живот. Тоа е лажен патриотизам.
360°: Како ја разбирате изјавата на Мицкоски од телевизиското соочување со Ковачевски дека за него Македонија секогаш ќе остане Македонија, сакајќи да каже дека вербално, реторички не треба да очекуваме од него, ако биде на официјална државна функција, да го користи новото уставно име?
Османи: Видете, тоа покажува колку е несериозен односот кон иднината на граѓаните, јас ви кажувам дека граѓаните бегаат секој ден, ја напуштаат државата, држава без луѓе не е држава како и да се вика ако се изпразни. А знаете како е и во географијата и во геополитиката – празни локации нема, ако се исели еден народ, ќе дојде да се всели некој друг и фокусирањето на такви фолклорни теми, а бајпасирајќи ја суштината дека луѓето ни бегаат, дека ни се празни државата, дека учелниците не можат да соберат десет ученици за да можат да обезбедат наставник… А тие луѓе што бегаат, за жал, ќе кажам – кај Македонците е уште потешко затоа што бегаат менувајќи потекло, менувајќи идентитет заради потребата да обезбедат живот за своите деца. И вие тука да им продавате фолкор на луѓето дека јас нема да кажам ама ќе ги потпишам документите каде што е Северна Македонија и луѓето ќе аплаудираат – браво што не спомна Северна Македонија.
360°: Може ли да има последици од таков пристап ако Мицкоски утре е премиер и ако од таа позиција тој не го доведе во прашање Преспанскиот договор ама реторички, вербално никогаш да не користи Северна Македонија?
Османи: Сигурно ќе има, тоа зависи како грчката политика тоа ќе го интерпретира и каков однос ќе заземе потоа во однос на проширувањето. Мислам дека тоа е помалку важно како последица колку што е несериозноста на пристапот – да им продавате на луѓето фолклор во 21 век додека тие ви бегаат со бугарски пасош секојдневно. Проверете ги бројките, до 120 000 илјади е стигнато. 120 000 Македонци што добиле бугарски пасош заради тој фолклор дека некој нема да рече на телевизија Северна Македонија, а сите документи и апликации за листи на кандидати ги потпишал со Северна Македонија. Затоа велам дека овие избори се крстопат, крстопат меѓу две алтернативи и нема статус кво и нема вакуум – или ќе изберем европска интеграција, соживот, прогрес и благосостојба – да ги задржиме младите овде, да ги вратиме тие што избегале… Го земам често примерот на Полска. Таа стана членка на Европска Унија 2004 година, просечна плата била 350 евра, многу помалку отколку што ни е сега. Денес во Полска просечна плата е 1 900 евра, милиони Полјаци се вратија од Лондон, 600 000 се вратија од Ирска, бидејќи луѓето кога би избирале помеѓу татковина и некоја друга земја, и ако разликата во плата е прифатлива, ќа ја изберат секогаш татковината. Кога разликата е голема, тоа е закон на природата – ќе бараат подобар живот.
360°: Но, сега вие сте фокусиран на Македонците, можеби поради тоа што претпоставувате која е публиката, но и многумина Албанци се иселуваат.
Османи: Ама јас ова го зборувам пред Албанците. Бугарија и Романија се зачлениле 2007 г., 150 евра била во Бугарија просечната плата и во Романија. Денес во Бугарија е 1 500 евра просечна плата, во Романија околу 1 000 евра. Знаете дека нема веќе Романци во Италија, бидејќи во Италија просечна плата е околу 1 200 евра, зошто би останале. Еве, ние да стигнеме до 1 000 евра плата, ние имаме околу 60-то илјади луѓе во Италија, зошто тие би седеле во Италија, таму каде што не се чувствуваат дома, се чувствуваат како странци, ако разликата во плата е сто евра.
360°: Зашто и системот е среден, и образование, и здравство и и другите сервиси од државата, инфраструктурата…
Османи: А како ќе го средиме системот ако не ги отвориме поглавјата. Затоа, која е таа логика, јас ќе донесам владење на право, но нема да отварам преговори кои помагаат за владење на правото.