По обвинувањата на премиерот дека Бујар Османи, Димитар Ковачевски и Бојан Маричиќ, со прифаќањето на т.н. француски предлог ја поткопале позицијата на Македонија и дека поради тоа се бришат референциите за македонскиот јазик и идентитет од извештајот на ЕП, ексминистерот за надворешни работи вели дека Мицкоски не ја зборува вистината

Поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи реагира на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски во врска со случувањата во Европскиот парламент (ЕП), каде што според најавите од извештајот за С Македонија ќе бидат тргнати референциите за македонскиот јазик и идентитет.
Мицкоски за тоа ги обвини Османи, Ковачевски и Маричиќ нарекувајќи го процесот „бришење на идентитетот на талибански начин“.
Османи, во одговорот даден во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, вели дека актуелната влада свесно манипулира со фактите и заборава на вистинските пробиви направени изминативе години.
„Јас ја слушнав прес-конференцијата и мене ми е жал што нема еден медиум за проверка на факти за да му се спротивстави на премиерот дека секоја втора реченица му е неточна. Неточна врз основа на факти. Ние го направивме историскиот пробив – да се тргне додавката ‘согласно Уставот’, туку во Преговарачката рамка, најважниот документ, уставот на односите со ЕУ, и тоа со поддршка и на Република Бугарија, да стои ‘македонски јазик’. Мора да се каже дека пробивот после 30 години за квалификацијата на јазикот е направен во тој период, во Преговарачката рамка“,
изјави Османи.
Според него, токму владата во која тој беше шеф на дипломатијата успеала да го тргне компромисниот израз „согласно Уставот“ и да го легитимира македонскиот јазик со поддршка од Бугарија и oд европските институции.
На забелешката дека Бугарија, сепак, вложи унилатерална изјава со свои видувања за македонскиот јазик, Османи вели дека тоа нема никаква правна тежина бидејќи суштината е во Преговарачката рамка.
„Правната импликација во меѓународното право е тоа што Република Бугарија ја изгласа Преговарачката рамка. Република Бугарија дозволи договорот за ФРОНТЕКС да се потпише со новата формулација, а не со формулацијата од договорот од 2017 г. и од декларацијата од 1999 година. Така што, ако хронолошки го гледате прашањето, единствениот позитивен пробив за прашањето за јазикот е направен тогаш со Преговарачката рамка“,
вели поранешниот министер за надворешни работи.
Тој додава дека подоцнежните обиди да се наметне темата за јазикот во јавниот дискурс се политички инструментализирани за дневнополитички потреби и дека се штетни за националните интереси.
„Оставете го јазикот, затворено е тоа прашање. Најголемиот преговарачки капитал ни го потроши прашањето отворено за јазикот“,
вели Бујар Османи во интервјуто за „360 степени“.
Во таа насока, тој смета дека изместениот дискурс во ЕП и евентуалното бришење на референциите за јазикот од извештајот не претставува суштински проблем бидејќи тоа тело нема правно обврзувачка улога, за разлика од Советот на ЕУ.
Како одговор на информациите дека самата Европска комисија го поттикнала вметнувањето на јазичните референци, Османи вели дека иницијативата потекнува од време на неговиот мандат, но со цел да се затвори ова прашање и пред домашната јавност.