Во фејсбук-објавата министерот пишува дека пред амбасадорите на САД, Германија, Обединетото Кралство и Холандија изразил загриженост за компромитирање на изборниот процес и за самоволните одлуки на ДИК со цел кражба на изборната волја
Министерот за надворешни работи во заминување Бујар Османи вчера во објава на Фејсбук информира дека се сретнал со амбасадори на четири странски држави. Во објавата Османи пишува дека пред амбасадорите на САД, Германија, Обединетото Кралство и Холандија изразил загриженост за компромитирање на изборниот процес.

„Се сретнав со амбасадорите на САД, Германија, Обединетото Кралство и Холандија. Изразив загриженост за компромитирање на изборниот процес со самоволните одлуки на Државната изборна комисија (ДИК) со цел да се украде изборната волја со правење политички инженеринг со одлуките за прегласување“,
пишува Османи во објавата на Фејсбук.
На средбите, шефот на дипломатијата ја изразил и неопходноста од почитување на Охридскиот рамковен договор, Договорот од Преспа и европската иднина на земјата.
Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ вчера најави дека до Управниот суд ќе ги обжали донесените одлуки на Државната изборна комисија за приговорите во врска со изборните резултати од парламентарните избори што се однесуваат на петтата и шестата изборна единица. Оттаму излегоа со став оти на членовите на ДИК им бил извршен политички притисок преку партиски инструкции во однос на приговорите, а за ова, како што рекоа, ги информирале сите надлежни институции и меѓународниот фактор.
Државната изборна комисија (ДИК) прифати седум од вкупно 27 поднесени приговори во врска со резултатите од парламентарните избори. Еден од нив беше на коалицијата „Вреди“ за гласањето на избирачко место во Желино.
