Шефот на дипломатијата истакна дека јавно побарал да оди во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, со цел да им претстави како течат преговорите со Бугарија
Идентитетот е црвена линија и за тоа никој нема право да преговара, изјави вечерва, во гостување на ТВ21, министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
„Идентитетот, јазикот се црвените линии, како за Македонците, така и за нас Албанците. Ова се црвените линии и за ова нема право никој да преговара. Ние Албанците, заедно со македонските граѓани, градиме заедничка иднина. Ние живееме заедн. Имаме заедничка иднина, заеднички потреби. Албанците ќе останат лојални до крај. Веќе покажавме дека заедно можеме да направиме големи работи, сега е време за солидаризирање за подобра иднина. Верувам дека и опозицијата ќе биде поконструктивна во оваа насока“,
потенцираше Османи.
Тој рече дека, покрај силната поддршка од ЕУ и од САД, за интегративниот процес на Северна Македонија можно е да има и трети земји кои веројатно работат во спротивен правец и затоа треба да бидеме многу внимателни.
Шефот на дипломатијата се согласува со тезата дека актуелниот премиер Зоран Заев ја жртвува својата политичка кариера за доброто на државата, како што изјави неодамна лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Османи истакна дека јавно побарал да оди во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, со цел да им претстави како течат преговорите со Бугарија.
„Се обидувам да бидам мост меѓу опозицијата и Владата. Сакам да сме заедно во овој процес. Тие ме поканија на јавна дебата во Собранието. Јас кажав дека ова прашање не е тема која треба да се дебатира пред камери. Ова е жив процес, овде страна не е само нашата публика“,
посочи Османи.