Министрите надворешни работи и одбрана Бујар Османи и Радмила Шекеринска попладнево учествуваат на видео-состанокот на Северноатлантскиот совет на НАТО.
На состанокот на кој се поканети министрите за одбрана и шефовите на дипломатииите на земјите членки на НАТО, учествуваат и државниот секретар на САД Ентони Блинкен и секретарот за одбрана Лојд Остин, како и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Шефот на макеоднската дипломатија, Османи информираше дека една од централните теми на состанокот е мировниот процес и иднината на Авганистан.
„Како што веќе најави Генералниот секретар Столтенберг, почитувајќи го принципот ‘Влеговме заедно, го прилагодиме присуството заедно и исто така ќе заминеме заедно’. Очекувано ќе бидат отворени и други актуелни теми врзани за нашата колективна безбедност, со посебен фокус кон последните случувања во и околу Украина, но и подготовка за претстојниот НАТО самит“,
информира Османи.

Министерката за одбрана, Шекеринска, вели дека на состанокот ќе се дискутира за приоритетите, а меѓу нив за глобалната безбедност
„Започна состанокот на НАТО министрите за одбрана и за надворешни работи. Со генералниот секретар Столтенберг и колегите од земјите членки на НАТО, ќе дискутираме за заедничките приоритети на НАТО сојузниците во глобалната безбедност, за Авганистан, за руските активности насочени кон Украина, за агендата #NATO2030 и за подготовките за Самитот на Алијансата“,
информира Шекеринска.