Мандатот на претседателката на Косово, Вјоса Османи, завршува на 4 април 2026 година. Според Уставот, ако парламентот не успее да избере претседател 30 дена пред истекот на мандатот, земјата оди на нови избори
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, денеска потпиша указ за распуштање на Собранието, со што најави распишување нови вонредни избори. Според неа, пратениците одлучиле да ја однесат земјата на избори откако не успеале да изберат нов претседател во собранието.

„Со овој указ ја исполнувам мојата уставна обврска, која е јасно дефинирана. Голема несреќа е што тие (пратениците) не го избраа интересот на Косово“,
рече Османи.
Според неа, неуспешните обиди од претходната ноќ за избор на претседател на земјата во Собранието не биле ниту случајни, ниту непромислени.
„Напротив, за жал, тие се многу добро пресметани и осмислени“,
додаде таа.
Во текот на денот, како што најави, ќе одржи консултации со лидерите на парламентарните партии за датумот на вонредните парламентарни избори.
„Граѓаните не сакаа избори, оваа ситуација се појави поради неуспехот на Собранието да ја исполни својата уставна должност. Не треба да се посакува уште еден политички циклус, особено во момент кога на земјата ѝ е потребна стабилност. Но, неодговорни луѓе со опасни намери ја доведоа земјата до оваа точка!“,
кажа претседателката на Косово.
На синоќешната вонредна седница, одржана на само неколку часа пред истекот на уставниот рок за избор на претседател на Косово, парламентот го прекина изборниот процес, поради немање кворум. Кандидати за претседател беа Глаук Коњуфца и Фатмире Кочаку-Мучаца, предложени од владејачката партија Самоопределување.
Мандатот на претседателката на Косово Вјоса Османи завршува на 4 април 2026 година. Според Уставот, ако Собранието не успее да избере претседател 30 дена пред истекот на мандатот, земјата оди на нови избори.
За избор на претседател потребни се 80 гласа во првите два круга гласање, а најмалку 61 во третиот. Синоќа во саката беа присутни 66 пратеници од владејачката коалиција, додека пратениците од опозицијата беа отсутни.
Претходно, се одржа седница за разгледување на уставните амандмани, кои Османи ги поднесе за директно гласање за избор на претседател, која исто така беше прекината поради немање кворум.
По затворањето на втората седница, претседателката на Собранието, Аљбулена Хаџију се обрати до Уставниот суд со барање за донесување привремена мерка за суспендирање на уставниот рок за избор на претседател.
