„Охрабрувачки е да се слушнат нивните мислења за потенцијалните перспективи на планот за деескалација на ситуацијата што како претседавач со ОБСЕ го претставив. Понудениот патоказ поттикнува атмосфера на дијалог и соработка“, рекол Османи на средбата
Состанокот следува откако претходно денеска на тематска прес-конференција посветена на претседавањето на земјава со ОБСЕ, Османи го презентира планот од девет точки за деескалација за состојбата во Косово
Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска во улога на претседавач со ОБСЕ се сретна со шефовите на мисиите на ОБСЕ во Србија, Косово и во С Македонија, амбасадорите Јан Брату, Мајкл Девенпорт и Килиан Вал.

Пред нив, како што соопштија од прес-центарот на Османи, тој го презентирал планот од девет точки кој треба да помогне за деескалација на состојбата на северот во Косово и да придонесе за постигнување траен мир.
„Охрабрувачки е да се слушнат нивните мислења за потенцијалните перспективи на планот за деескалација на ситуацијата што како претседавач со ОБСЕ го претставив. Понудениот патоказ поттикнува атмосфера на дијалог и соработка“,
рекол Османи за време на средбата во Скопје.

Состанокот следува откако претходно денеска на тематска прес-конференција посветена на претседавањето на земјава со ОБСЕ, Османи го презентираше планот за деескалација за состојбата во Косово.
Првата точка од планот, како што посочи Османи, предвидува Косово и Србија да ја реафирмираат посветеноста кон Охридскиот договор и да го испочитуваат она што е договорено. Втората, третата и четвртата точка, додаде претседавачот со ОБСЕ, се активности што упатуваат на смирување на тензиите на терен и враќање на состојбата во нормала односно на ниво кое беше пред да почнат тензиите.
„Косово да ги повлече специјалните сили, Србија да ја намали борбената готовност. На полицијата на Косово, заедно со КФОР и ЕУЛЕКС да им се овозможи во целост да се грижат за редот и безбедноста на државата. Протестите да се откажат и да се стават во функција општинските функции и услуги, за нормално функционирање на општествениот живот, и воедно им се дозволи пристап на вработените во општините“,
рече Османи на прес-конференцијата.
По смирување на состојбите, во следните две точки се предвидува расчистување со политичката криза предизвикана од локалните избори. Тоа, објаснува Османи, значи дека избраните градоначалници во спорните општини треба да поднесат оставки и оваа година да се одржат нови, предвремени општински избори на кои ќе учествуваат сите политички субјекти.
Последните три точки од планот, пак, ја претставуваат улогата на ОБСЕ во целиот процес.
„ОБСЕ ќе го поддржи изборниот процес преку техничка поддршка на косовските власти кои ќе ги организираат изборите, зајакнувајќи ја со тоа довербата меѓу заедниците. Организацијата ќе преземе низа активности за ангажирање на младите во програмите и процесите за помирување и најважно, ОБСЕ ќе ги стави своите капацитети на располагање за поддршка на имплементацијата со добра волја од двете страни на договорените одредби и продолжување на дијалогот“,
рече Османи претставувајќи го планот за деескалација од девет точки.
Според него, планот за деескалација е добар и е во согласност со неколкуте вакви предлози кои дојдоа и од други мултилатерални организации и високи политички претставници.