Претседателските кандидати на Движењето ЗНАМ, на опозициските партии на Албанците и на Левица веќе имаат собрано повеќе од половина од потребните потписи за нивно учество во претседателската трка, додека кандидатот на ДУИ веќе е сигурен учесник откако собра 10 528 потписи од граѓани

Тројца кандидати, од единаесетемина кои собираат потписи за претстојните претседателски избори, се блиску до бројката од 10 илјади потписи, а еден веќе е сигурен дека ќе оди во претседателската трка.
Според пресекот на Државната изборна комисија (ДИК), заклучно со 26 февруари, најмногу потписи има собрано Бујар Османи од Демократската унија за интеграција (ДУИ) и тоа 10 528.
Следен на листата е кандидатот на ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, за кого досега се потпишале 8 400 граѓани и кому му недостасуваат уште 1 600 потписи за да биде сигурен учесник на изборите.
Во споредба со пресекот од претходниот ден, кога имаше 1 645 потписи, вчера најмногу има собрано кандидатот на опозициските партии на Албанците, Арбен Таравари. До вчера за него се потпишале 7 513 граѓани, што е речиси шест илјади потписи повеќе за еден ден.
За претседателската кандидатка на Левица, Билјана Ванковска-Цветковска, која е четврта по број на собрани потписи, заклучно со 26 февруари се потпишале вкупно 6 237 лица.
За кандидатот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, заклучно со вчеравечер, својот потпис го ставиле 4 718 граѓани.
Од преостанатите кандидати, Мерсиха Смаиловиќ собрала 696 потписи, а кандидатот Вело Марковски 682 потписи. Досега ниту еден потпис не собрал кандидатот Томе Николоски.

Од петокот, кога официјално почна собирањето на потписите, до понеделникот вечерта, за сите единаесетмина претседателски кандидати се потпишале вкупно 39 078 граѓани.
Информацијата дека веќе ги има собрано потребните потписи за негов влез во претседателската трка, синоќа кандидатот на ДУИ Бујар Османи ја сподели преку видеообраќање од неговиот дом.
Веста Османи ја соопшти опкружен со неговото семејство (сопругата и децата), посочувајќи дека потписите се собрани во рекородно време и нивниот број е над 10 илјади.
Собирањето потписи за номинирање на претседателски кандидати за претстојните избори официјално почна во петокот (23 февруари) и ќе трае до 8 март.
Освен со пратеничка поддршка, со граѓански потписи ќе биде дополнета и кандидатурата на Гордана Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ. Таа ќе почне да ги собира потписите еден ден по партиската конвенција на 2 март на која ќе биде официјализирана нејзината кандидатура за шеф на државата.
Потписи, како што пренесуваат дел од медиумите, ќе собира и актуелниот претседател Стево Пендаровски кој ја ужива поддршката од СДСМ.