Тоа е негова втора иницијатива во овој контекст по нон пејперот за комуникација со рускиот народ, што го упати МНР до земји членки на НАТО и на Европската Унија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ги поканил колегите од регионот на состанок во Скопје за да разговараат за ситуацијата со руската инвазија над Украина и ранливоста на Западен Балкан. Тоа е негова втора иницијатива во овој контекст по нон пејперот за комуникација со рускиот народ, што го упати МНР до земји членки на НАТО, на Европската Унија, но и до други држави.
Османи, на денешниот брифинг, информира дека оваа недела покренал иницијатива за состанок со министрите за надворешни работи на земјите на Западен Балкан во Скопје.
„Испратив писмо до моите колеги министри за надворешни работи на земјите на Западен Балкан, со цел да бидат поканети на состанок во Скопје, за да разговараме за вулнерабилноста на Западен Балкан во однос на оваа воена инвазија во Украина, предизвиците со кои може да се соочи регионот, можноста за бран на бегалци, подобра координација меѓу земјите, можност да комуницираме во реално време во случај на каков било предизвик кој може да се случи во регионот. Се надевам дека шестте земји ќе можеме да го органзиираме овој состанок што побрзо во Скопје“,
рече Османи додавајќи дека веќе имаме позитивен одговор од Црна Гора.
Османи сооопшти и дека на вонредниот министерски состанок на НАТО, кој се одржа на 4 март, поттикнал иницијатива за обид за комуникација со рускиот народ и нивно повикување да се здружат во осуда и спречување на воената агресија во Украина. „360 степени“ вчера го објави нон пејперот ушатен до земјите членки на ЕУ и на Алијансата.
„Додека светот го изолира режимот политички и економски со сите свои средства, нашиот став е дека треба да се охрабрат општествата да комуницираат со руското општество и да ги повикуваат и тие да бидат дел од разумното размислување на целиот свет кој најдобро се одрази на самото гласање во Генералното собрание на ОН, а тоа е да ги охрабриме универзитетите да комуницираат со универзитетите во Русија, да ги охрабриме здруженијата на лекари со оние во Русија, новинарите со новинарите, невладините организации со невладините, сите општествени сектори, бидејќи очигледно таму се води пропаганда за изолирање на општеството од тоа што се случува во Украина“,
нагласи Османи.
Нашиот став, нагласи министерот, е дека треба да се охрабри таа комуникација не само кај нас, туку во сите држави во светот, бидејќи, како што рече, граѓаните ќе бидат жртва на економските санкции и изолацијата која светот ја прави кон Русија.
„Многу е важно да се мобилизира целиот свет против оваа нелегална и непровоцирана инвазија која веќе во својата реторика употребува нуклеарна закана, односно закана за употреба на нуклеарно оружје, со што го подигнува степенот на закани што апсолутно не можеше да се смисли претходно пред да се случи оваа воена инвазија“,
рече Османи.