МНР соопшти дека на средбата меѓу Османи и Ескобар било изразено задоволство од неодамна одржаниот стратешки дијалог меѓу Северна Македонија и САД, што веќе ги дава првичните резултати под формата на американски грантови наменети за зајакнување на владеењето на правото, културата и одбраната
На маргините на Бледскиот стратешки форум, министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска оствари средба со Габриел Ескобар, заменик-помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник на САД за Западен Балкан.

МНР соопшти дека на средбата било изразено задоволство од неодамна одржаниот стратешки дијалог меѓу Северна Македонија и САД, што веќе ги дава првичните резултати под формата на американски грантови наменети за зајакнување на владеењето на правото, културата и одбраната.

„Со одржаниот стратешки дијалог со САД, билатералните односи добиваат нова прецизно дефинирана рамка за понатамошен развој, додека стратешкото партнерство дополнително се зацврстува и надградува. Посветено работиме на дефинирање на идните активности кои произлегуваат од стратешкиот дијалог и имаат за цел зајакнување на рефомските процеси и гарантирање на демократскиот напредок и просперитет на земјава“,
истакна Османи.
Османи и Ескобар, како што посочува МНР, се осврнале и на евроинтеграциите на Северна Македонија со посебен акцент на неодамнешното отпочнување на пристапните преговори со ЕУ. Ваквиот чекор, додаваат оттаму, претставува значаен влог во зачувувањето на стабилноста и напредокот на целокупниот регион, особено во контекст на актуелните безбедносни предизвици.
На средбата, меѓу другото, било поздравено сојузништвото меѓу двете земји во рамки на НАТО, при што била истакната поддршката за Украина и заедничките заложби за одбрана на современите демократски принципи и вредности, како и силна осуда за руската воена инвазија.
