Министерот за надворешни работи Бујар Османи оствари средба со Габриел Ескобар, заменик-помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник на САД за Западен Балкан
Како што е наведено во соопштението на Министерството за надворешни работи, во фокус на разговорите биле актуелните состојби во Западен Балкан, при што министерот Османи го брифираше специјалниот преставник на САД за Планот од 9 точки за деескалација на тензиите меѓу Србија и Косово, кој го иницираше во својство на претседавач со ОБСЕ.
Воедно, беше разговарано и за потребата од забрзување на евроинтегративните процеси на Северна Македонија и на земјите од регионот како споделена стратешка цел.

“Процесот на проширување на Европската Унија претставува безбедносно прашање и оттука, забрзувањето на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан е од клучно значење за зачувување на стабилноста во нашиот регион, но и Европа како целина. Високо ја цениме континуираната поддршка од САД во таа насока, што е споделен стратешки интерес, но и гаранција за ограничување на влијанието од трети страни”,
истакна Османи.
Министерот за надворешни работи Османи и специјалниот претставник на САД за Западен Балкан, Ескобар, зборувале и за развојот на билатералните односи во рамки на Стратешкиот дијалог, како и за целокупната поддршка за зајакнување на демократските институции, напредок во владеењето на правото и борбата против корупцијата.
Воедно, на средбата беше поздравено сојузништвото меѓу двете земји во рамките на НАТО, при што беа истакнати поддршката за Украина и заедничките заложби за одбрана на современите демократски принципи и вредности, како и силна осуда за руската воена инвазија. Како што информират од Министерството за надворешни работи, Османи на маргините на Дубровник форум 2023 оствари средба и со претседателката на Европската банка за обнова и развој, Одил Ренауд- Басо, додека посебни средби ќе реализира и со заменик-претседателката на владата и министерка за надворешни работи на Република Бугарија, Марија Габриел, и со министерот за надворешни работи на Република Ерменија, Арарат Мизорјан.