Очекувам дека ЕК ќе го вреднува напредокот во сите сфери кои се дел од европскиот пат на земјата, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи, како одговор на новинарско прашање да го коментира Извештајот на ЕК за напредокот, кој официјално ќе биде објавен попладнево во Брисел.
Тој рече дека ставот за Извештајот ќе го каже откако тој ќе биде објавен, додека во овој момент може само да ги каже очекувањата.
Османи очекува дека ќе се вреднува она што е направено во делот на владеењето на правото, бидејќи изминатиот период беше посветен на носење закони во согласност со европските стандарди, за овој мандат веќе да се насочи кон нивна имплементација.
„Очекувам и вреднување на улогата на државата во услови на пандемија – немањето парламент, со техничка влада, избори, беше сериозен тест за демократскиот капацитет на институциите. И ние покажавме дека може да функционираме и во тешки услови. Очекуваме во Извештајот да стои дека сме го положиле овој сериозен тест“,
рече Османи.
Османи најави дека во следниот период ќе се работи на нов акциски план, по теркот на оние што досега беа правени, кој ќе биде приоритет во натамошните односи со Брисел ќе зависи од нашата подготвеност и од она што се очекувањата на ЕК од нас. Сепак, тој смета дека едно од првите поглавја во тој акциски план ќе биде владеењето на правото.
