Уставните измени се точно прецизирани во потпишаниот Протокол со Бугарија, како ќе изгледаат и каде ќе биде позицијата на Бугарите во Уставот. Така што и за Комисијата ќе биде многу лесна работата, затоа што само треба да го земат Протоколот, таму пишува точно каде што се спомнати останатите етнички заедници, по запирката пред други, треба да се додаваат и заедниците кои ќе бидат додадени – Хрвати, Бугари, исто како и останатите, не може да има разлика од тоа како се опишани другите, вели Османи
По однос прашањето во врска со изјавата на шефот на бугарската дипломатија Николај Милков дека нема никаков напредок околу Протоколот и учебниците и дали Бугарија наоѓа нов момент на проблематизирање, Османи рече дека не треба преку медиуми да се прават политички проценки за степенот на реализација на договорот, бидејќи, вели, и за тоа има точно предвиден механизам што прави објективна проценка на реализацијата

Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи денеска ја расчисти целата дилема околу тоа како ќе биде впишана бугарската заедница во Уставот на државата. Министерот истакна дека „Бугарите можат да влезат во Уставот само како дел од бугарскиот народ и никако поинаку“.
„Сакам да ја пресечам тука таа дебата какви би биле уставните измени. Уставните измени се точно прецизирани во потпишаниот Протокол со Бугарија, како ќе изгледаат и каде ќе биде позицијата на Бугарите во Уставот. Така што и за Комисијата, што е формирана во Министерството за правда, ќе биде многу лесна работата, затоа што само треба да го земат Протоколот, таму пишува точно каде што се спомнати останатите етнички заедници, после запирката пред други, треба да се додаваат и заедниците кои ќе бидат додадени – Хрвати, Бугари, исто како и останатите, не може да има разлика од тоа како се опишани другите. Тука сакам да ја пресечеме оваа дебата. Нема да има разговор по однос на тоа што го содржи протоколот“,
рече шефот на дипломатијата Бујар Османи на заедничката прес-конференција со неговиот шпански колега Хосе Мануел Албарез Буено во Скопје.
Изјавата на Османи доаѓа како одговор на новинарско прашање во врска со одредени изјави кои доаѓаат од Бугарија, што се толкуваат дека Бугарите треба да бидат впишани како македонски Бугари во Уставот и дали таа опција е прифатлива со оглед дека таков етникум не постои.
„Тука сакам да се надоврзам на тоа дека имаше одредени шпекулации дека Милков во НАТО барал од мене да бидат дел од комисијата. Сакам и тоа да го расчистам бидејќи немав прилика. Тоа што Милков ми го кажа на церемонијата за подигање на финското знаме, беше дека наводно слушнале шпекулации и дека ние сме презентирале на одредени држави формулации за уставните измени, па сакаат и тие да бидат информирани исто така, за да нема недоразбирање. Тоа беше неговиот коментар, на што јас му одговорив дека прво, не е точно дека некому сме презентирале затоа што комисијата сè уште не е состаната. Второ, дека не може да има недоразбирање затоа што точно во Протоколот стои како ќе изгледаат уставните измени, и во кои делови од Уставот, и трето, дека ќе има јавна дебата за тоа, па сите ќе бидат подеднакво информирани“,
додаде Османи.
По однос на прашањето во врска со изјавата на шефот на бугарската дипломатија Николај Милков дека нема никаков напредок околу Протоколот и учебниците и дали Бугарија наоѓа нов момент на проблематизирање, Османи рече дека не треба преку медиуми да се прават политички проценки за степенот на реализација на договорот, бидејќи, вели, и за тоа има точно предвиден механизам што прави објективна проценка на реализацијата.
„Тоа се тие меѓувладини комисии што се состануваат и проценуваат кога ќе дојде време за тоа. Бидејќи ако влеземе во таква политичка проценка на медиуми, мислам дека ќе ја изгубиме намерата и целта на потпишување рамка, протокол и институционализирање на односите со Бугарија“,
дециден е Османи.
Шефот на дипломатија, своето едномесечно отстуство од појавувањето во медиумите го оправда со изборната кампања во Бугарија. Тој нагласи дека не сакал да ја внесе државава во нивните изборни ветувања и изборни препукувања бидејќи по тоа, политичарите стануваат жртва на нивните ставови.
„Немам намера заради овие важни прашања за државата да полемизирам со било кого преку микрофон. Доколку има било која забелешка, ние сме тука да седнеме да разговараме. Тоа што имам да го кажам е дека веднаш по потпишувањето на протоколот, Владата формираше меѓуресорска работна група која ја води Министерството за надворешни работи, формиравме четири тематски работни подгрупи на техничко ниво за секоја од темите од протоколот, се состануваат редовно, добивам редовни извештаи од нивната работа и се разбира, кога ќе дојде време за состанување на Комисијата, ќе направиме и проценка за тоа што е реализирано“,
рече Османи.
Според него важно е да се има добра волја во овој пристап. Ако се обидуваме, како што рече тој, на ваков начин да изнајдеме некој негативен елемент за да создадеме негативна реторика, тоа нема да нè води никаде.
„Ние имаме позитивна агенда, имаме позитивна намера да ги подобриме односите со Бугарија, нашите позиции се јасни, по однос на нашите ставови, спремни сме да комуницираме во било која форма, но немаме намера да полемизираме преку јавност за овие важни прашања за нас“,
нагласи Османи.
Во согласност со договорот од 2017 година, двете држави се согласни дека ќе работат на исполнување на мерките кои се во него наведени. Република Бугарија изразува подготвеност да се согласи да се одржи првата политичка меѓувладина конференција на ЕУ и Република С Македонија, со разбирање дека следната Меѓувладина конференција за комплетирање на фазата на отворање на преговорите за членство ќе се одржи веднаш откако Република С Македонија во својот Устав ќе ги вклучи оние нејзини граѓани кои живеат на територијата на државата и се дел од други народи, како што е бугарскиот народ.
Македонската страна, пак, во договорот, се согласува следната Меѓувладина конференција за комплетирање на фазата на отворање на преговорите за членство на Република С Македонија да се одржи откако во сила ќе влезе измената на Уставот за вклучување на оние нејзини граѓани кои живеат на територијата на државата и се дел од други народи, како што е бугарскиот народ, согласно внатрешните процедури, вклучително и уставен закон за нивно спроведување.