Според МВР, пријавените како корисници на платежни картички ги користеле овие средства за сопствени потреби и неовластено се стекнале со противправна имотна корист во вкупен износ од 10 719 807 денари, а за истиот износ ја оштетиле банката издавач на платежните картички

За издавање чек без покритие и злоупотреба на платежна картичка, Секторот за компјутерски криминал при МВР поднесе кривична пријава против 12 лица.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР), 10 од овие лица се македонски државјани, а преостанатите двајца се државјани на Република Косово.
Пријавените, додаваат од МВР, во јануари минатата година извршиле злоупотреба на платежни картички (purchase refund fraud) издадени од банка во Северна Македонија на начин што истите користеле активни странски компании (со физички или виртуелен терминал) преку кој се иницирале неовластени авторизации за враќање на средства. Тие трансакции, објаснуваат од МВР, кај банката не се испраќале како трансакција за книжење, па според тоа немало влијание на реални трансакции на продажното место, но на друга страна нереално се зголемувала состојбата на сметката на платежната картичка која се користи за трансакцијата за износот на направената рефундација.
На тој начин, според МВР, пријавените како корисници на платежни картички ги користеле овие средства за сопствени потреби и неовластено се стекнале со противправна имотна корист во вкупен износ од 10 719 807 денари, а за истиот износ ја оштетиле банката издавач на платежните картички.