Веројатно, очекувањата се дека новите уставни судии што ќе бидат избрани ќе бидат „послушни“ на структурите кои од повеќе места во изминатиов период вршеа притисок врз судот, велат од здружението „Правда за штедачи“
Здружението „Правда за штедачи“ денеска повторно одржа собир пред Уставниот суд со барање одлуката за оцена на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки веднаш да се достави до Собранието или до Владата.
Оштетените штедачи од Еуростандард банка бараат и информација од судот кога ќе биде закажана седница за конечно, мериторно решавање по однос на оваа иницијатива.
„Од 21.04.2021 година до денес поминаа цели 15 дена, но иницијативата не е доставена на мислење до Собранието или Владата, што е редовен тек на работите пред да биде донесена конечната одлука. Ваквата постапка на претседателот на Уставниот суд е неоправдана, ниту има основа во Деловникот за работа на Уставниот суд. Напротив, таа е неоснована и не е поткрепена со ништо, додека мотивот за ваквото (не)постапување, ние како здружение, го гледаме во очајниот обид преку ‘процедурални’ трикови, претседателот да добие во време, со цел до 31.05.2021 година точката да не се најде на дневен ред, бидејќи на тој датум истекува мандатот на тројца уставни судии. Веројатно, очекувањата се дека новите уставни судии што ќе бидат избрани ќе бидат ‘послушни’ на структурите кои од повеќе места во изминатиов период вршеа притисок врз судот“,
наведоа од Здружението.
Според нив, постапката е провидна и претставува очаен обид да се опструира правдата.
„Ние, оштетените физички и правни лица, депоненти на Еуростандард банка, нема да паднеме на тоа ниво. Затоа, првин сакаме да изразиме надеж дека ниту изборот на новите уставни судии нема да ја спречи правдата. Бидејќи, ако тоа се случи, во Македонија дефинитивно нема правда“,
истакнуваат од Здружението.
Апелираат постојниот состав на Уставниот суд да ја заврши започнатата работа и наведуваат дека претседателот е само еден меѓу еднаквите.
Бараат од претседателот на Уставниот суд да покаже барем малку чувство за праведност бидејќи, како што наведуваат, со начинот на кој постапува може да предизвика ненадоместлива штета на неопределен број граѓани.