ЕК, во рамки на спроведување на помошта според ИПА преку Генералниот директорат за проширување, побарува поврат на средствата доделени за спроведување на двата проектите во вкупна вредност од 1 75 927 евра, соопштуваат од Обвинителството
Обвинителен акт против две лица за злоупотреба на средства од ИПА-фондови поднесе Обвинителството за гонење организиран криминал, по спроведена истрага од меѓународни рамки, во која биле вклучени и меѓународните организации ОЛАФ и Еуправда.
Како што соопштија од Обвинителството, врз основа на прибраните докази во текот на истражната постапка, на првообвинетиот Ј.Ј. (48) му се става на товар дека во соизвршителство со второобвинетата Ј.Г. (53) сторил кривични дела злоупотреба на службена положба и овластување, перење пари и други приноси од казниво дело и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.
Второобвинетата, пак, се товари дека сторила кривични дела злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари и други приноси од казниво дело.
Како што соопштуваат од Обвинителството, во периодот од октомври 2012 година до април 2017 година, првообвинетиот како службено лице – именуван функционер и претседател на управувачки комитет на проект, заедно и по претходен договор со второобвинетата – раководен државен службеник и член на управувачкиот комитет, со намера да прибават противправна имотна корист за себе и за едно правно лице од Италија, постапиле спротивно на нивните службени обврски и ги искористиле своите службени положби и овластувања.
Обвинетите, како што се објаснува, спротивно на принципот за доверливост и на принципот за еднаков третман на апликантите, споделувале доверливи тендерски информации за два ИПА-проекти што се спроведувале во две министерства. Правното лице од Италија ги искористило неовластено споделените информации и изготвило понуда адаптирана на потребите и ги исполнило сите технички и финансиски услови. Воедно, обвинетата Ј.Г., во претходен договор со обвинетиот Ј.Ј., за едниот проект помогнала при изготвувањето на финансиската понуда на правното лице – апликант и ја приспособила согласно условите кои биле објавени во тендерот. Со ваквите дејствија обвинетите му овозможиле на правното лице да има незаконита правна предност во однос на другите апликанти на тендерите и истото да биде избрано за изведувач на проектите.
Како награда за поддршката, обвинетите, освен со туристички патувања, биле наградени и со парични средства. Така, првообвинетиот, со дејствијата што ги извршил за себе, прибавил противправна имотна корист во вкупен износ од 2 609 445 или 42 430 евра, додека второобвинетата за услугите што ги извршила за време на спроведување на проектите противзаконито се стекнала со 3 508 698,00 денари, односно 57 052 евра – износ што правното лице го исплатило од паричните средства наменети за спроведување на проектот на нејзина сметка отворена во Грција.
Со преземените дејствија, велат од Обвинителството, обвинетите ја довеле во прашање законитоста на спроведените проекти.
Европската комисија, согласно со член 29.1 од Рамковната спогодба склучена со С Македонија, во рамките на спроведувањето на помошта според инструментот за претпристапна помош (ИПА), преку Генералниот директорат за проширување и соседска политика, побарува поврат на средствата доделени за спроведување на проектите во висина од 982 307 евра за првиот проект, односно 771 620 евра за вториот проект. Износот во вкупна вредност од 1 75 927 евра треба да се врати на ЕК, а на штета на буџетот на С Македонија.
При претресот на домот на првообвинетиот, во текот на 2019 година, беше пронајдено оружје – пиштол марка ,,лугер“, кој не е евидентиран во евиденциите за оружје и кој обвинетиот неовластено го поседувал., соопштија од ЈОРМ.
