Асоцијацијата на ивент-индустријата (ИВАП), во која членуваат компании кои се занимаваат со организација на настани, кои во неколку наврати одржаа протест барајќи финансиска поддршка за надминување на кризата, преку допис до јавноста бараат итна средба во Владата.
Алармираат дека поради рестрикциите против ширењето на ковид-19 се на раб на егзистенција и очекуваат државата да најде решение за овој сектор и да обезбеди помош.
„По неколку неуспешни обиди да стапиме во контакт со вас или некој од членовите на Владата задолжени за прашањето што нѐ засега, приморани сме на ваков чин, т.е. јавно да ви се обратиме. Ние, членовите на асоцијацијата ИВАП, како и целата заедница на компании која се занимава и работи во секторот организација на настани сме доведени во крајно незавидна и тешка состојба. Веќе една година секторот не работи или работи делумно, со крајно ограничувачки фактори и економски неисплатливи проекти. Тоа значи дека компаниите и вработените се оставени без основна можност за приход или заработка за живот. Се обидовме да бидеме конструктивни, да не придонесуваме за ширење на заразата, не вршевме притисок врз вас и имавме разбирање за ситуацијата во која сите се наоѓаме. За жал, не го добивме истиот пристап и од ваша страна. Ни го ограничивте основното човечко право да работиме и да заработуваме, а притоа на ниту еден начин не се обидовте да ни помогнете“, се вели во дописот од Асоцијацијата на ивент-индустријата“,
велат од Асоцијацијата.
Оттаму дадоа рок до 29 март за да ги свикаат на средба во Владата, во спротивно, велат, ќе мора да бараат решенија на радикален начин.
„Донесовте пакет мерки кој го наменивте за нас. Тој пакет мерки ниту е ставен во функција ниту ќе придонесе за олеснување на нашата тешка состојба. Почитуван премиере, нашето трпение е пред крај. Немаме друг избор освен да се бориме за нашите компании, за нашата егзистенција и за нашите колеги. Бараме средба со вас или со некој од Вашите министри задолжени за овие прашања, како би можеле итно да изнајдеме решение. Очекуваме средба најдоцна до 29 март оваа година. Доколку не бидеме повикани и доколку итно не се најде решение, ќе бидеме приморани да го искористиме нашето право решенијата да ги бараме на поинаков, за жал, радикален начин. Искрено ве замолуваме да не нé терате нашата едногодишна тишина да ја претвориме во голема врева, која нема да престане сѐ додека не се исполнат нашите барања“,
се вели во нивното соопштение.