Американскиот претседател Доналд Трамп, инаку близок сојузник на унгарскиот лидер Орбан, на крајот на октомври воведе санкции врз Русија, првпат во својот втор мандат во Белата куќа, а во насока да изврши притисок врз Москва во рамките на неговите напори за постигнување мировно решение за војната во Украина

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска за време на летот кон Вашингтон изјави дека Унгарија ќе се бори американскиот претседател Доналд Трамп да ја изземе земјата од санкциите за руската нафта.
„Играме за да победиме“,
одговори Орбан на новинарско прашање што би се случило доколку Трамп не ѝ одобри на Унгарија изземање од санкциите за руската нафта.
Орбан, прашањето за енергенсите го нарече „сериозно“ и истакна дека влоговите се високи, пренесе агенцијата МТИ.
Американскиот претседател Доналд Трамп, инаку близок сојузник на унгарскиот лидер Орбан, на крајот на октомври воведе санкции врз Русија, првпат во својот втор мандат во Белата куќа, а во насока да изврши притисок врз Москва во рамките на неговите напори за постигнување мировно решение за војната во Украина.
Санкциите се воведени врз двете најголеми руски нафтени компании „Лукоил“ и „Роснефт“ кои извезуваат повеќе од половина од руската сурова нафта.
Потегот на Трамп доведе до зголемување на цените на нафтата на светските пазари и истовремено предизвика загриженост во Унгарија и Словачка кои, иако се членки на Европската Унија, се најголеми купувачи на руска нафта и веќе мораа да се погрижат да издејствуваат исклучоци од европските ограничувања.
Инаку, рафинериите на МОЛ во Унгарија и Словачка, со комбиниран капацитет за преработка од 14,2 милиони тони сурова нафта годишно, зависат од руската сурова нафта транспортирана преку нафтоводот „Дружба“.
