Унгарскиот премиер рече дека Џо Бајден и демократите во 2020 година ја украле победата од Трамп и додаде дека ако републиканскиот кандидат победел немало да дојде до руско-украинската војна
Од вторник наутро, со инаугурацијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп, започнува нова ера за Западот и доаѓа крајот на горчливите, комплицирани и исполнети со неуспех четири години на демократската администрација во Белата куќа. Ова во пресрет на преземањето на претседателската функција на Трамп на 20 јануари го изјави премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, во интервју за националното радио „Лајош Кошут“.

Орбан изјави и дека Џо Бајден и демократите во 2020 година ја украле победата од Трамп и додаде дека ако републиканскиот кандидат победел немало да дојде до руско-украинската војна.
Рече дека демократските администрации се секогаш различни од републиканските и посочи дека Републиканската партија стои на национална основа, додека Демократската партија е глобалистичка која ги спроведува своите интереси преку глобалните организации како мрежата на Џорџ Сорос.
Оцени дека демократите во САД ги ставаат своите економски интереси пред политиката, а тогаш, како што рече:
„Светот е преплавен со мигранти и тоа води до хаос, се ослободува луда родова идеологија и не се двоумат да користат војна за да ги постигнат своите цели, како што направија со руско-украинската војна.“
Според „Политико“, на инаугурацијата на Трамп е поканет унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој се смета за близок до рускиот претседател Владимир Путин, но, сепак, тој најверојатно нема да може да присуствува на инаугурацијата. Унгарскиот државен секретар за меѓународни односи Золтан Ковач на Икс објави дека ниту еден унгарски владин функционер ниту, пак, некој странски лидер не добил официјална покана за инаугурацијата на Трамп.
