Унгарскиот премиер смета оти проблемот е во тоа што, во согласност со договорот, Европејците ќе треба да инвестираат неколку стотици милијарди евра во САД
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, коментирајќи го трговскиот договор меѓу Европската Унија и Соединетите Американски Држави (САД), сликовито опиша дека тоа не е договор, туку дека американскиот претседател Доналд Трамп „ја изел за појадок“ претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Во гостување во емисија посочи дека однапред го очекувал овој исход, со оглед на тоа што американскиот претседател е „тешкаш“ за разлика од претседателката на Европската комисија, која ја нарече „лесна категорија“.
„Позицијата на американскиот претседател беше многу постабилна, додека позицијата на претседателката на Комисијата отсекогаш била покревка“,
кажа Орбан.
Според него, договорот што САД неодамна го склучија со Обединетото Кралство е многу подобар од овој со ЕУ.
Поради тоа, смета дека ќе биде тешко европскиот договор да се претстави како успешен во иднина.
Унгарскиот премиер смета оти проблемот е во тоа што, во согласност со договорот, Европејците ќе треба да инвестираат неколку стотици милијарди евра во САД.
„Но, кој ќе го направи тоа, кога Европската комисија нема капитал за инвестиции. Во чие име се согласи таа (Урсула фон дер Лајен)“,
праша Орбан.
Договорот со Велика Британија, склучен на почетокот на мај, предвидува увозни давачки во САД од 10 отсто за широк спектар на стоки, вклучувајќи 100 илјади автомобили годишно.
Вашингтон и Брисел постигнаа договор што предвидува царина од 15 отсто за повеќето производи од ЕУ, како и обврска ЕУ да купи енергенси од САД во вредност од 750 милијарди долари и дополнителни 600 милијарди долари инвестиции во американската економија.
Претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен, го оцени договорот како добар и посочи дека ЕУ и САД договориле целосно укинување на царините за некои производи.