Во седиштето на неговата партија Фидес го пречекаа со извици – Виктор, Виктор… Тој во својот говор рече дека веќе му ја честитал победата на лидерот на опозициската партија Тиса, Петер Маѓар

Изборниот резултат е болен за нас, но јасен. Со овие зборови досегашниот премиер на Унгарија, Виктор Орбан, го призна поразот на денешните парламентарни избори.
Во седиштето на неговата партија Фидес го пречекаа со извици – Виктор, Виктор… Тој во својот говор рече дека веќе му ја честитал победата на лидерот на опозициската партија Тиса, Петер Маѓар.
„Изборниот резултат е јасен, болен за нас, но јасен. Одговорноста и можноста за владеење не ни беа доделени нам. Ѝ честитав на победничката партија, ви благодарам за вашата напорна работа, никогаш не сме работеле толку напорно во една кампања. Се чини дека успеавме да собереме 2,5 милиони гласови“,
изјави Орбан.
Орбан призна дека неговата партија оди во опозиција.
„Што значи овој резултат за судбината на нашата земја и нацијата, кое е неговото подлабоко и повисоко значење, времето ќе покаже, но ние, дури и во опозиција, ќе ѝ служиме на нашата земја и на нацијата“,
рече тој.
Инаку, по пребројани 72,44 отсто од гласовите, опозициската Тиса на Петер Маѓар освои 138 мандати, а владејачката Фидес на Виктор Орбан освои 54 мандати од вкупно 199 пратеници што треба да влезат во унгарскиот парламент.
Резултатите од овие избори се сметаат за историски со оглед на рекордната излезеност на гласачите од над 79 отсто, но и поради сѐ поизвесниот пад на Виктор Орбан, кој е на власт последните 16 години.
