Во официјалниот документ од состанокот, објавен на веб-страницата на Европскиот совет, се наведува дека европските лидери размениле мислења со украинскиот претседател Володимир Зеленски и разговарале за последните случувања во Украина. Се додава дека текстот од документот од состанокот бил поддржан од 26 шефови на држави или влади и дека Европскиот совет ќе се врати на прашањето за Украина на следниот состанок
Унгарскиот премиер Виктор Орбан не ги поддржа заклучоците на Европскиот совет од денешниот вонреден самит поврзани со актуелната состојба во Украина, објави Политико.
Во официјалниот документ од состанокот, објавен на веб-страницата на Европскиот совет, се наведува дека европските лидери размениле мислења со украинскиот претседател Володимир Зеленски и разговарале за последните случувања во Украина. Се додава дека текстот од документот од состанокот бил поддржан од 26 шефови на држави или влади и дека Европскиот совет ќе се врати на прашањето за Украина на следниот состанок.

Во документот, кој не беше поддржан од Орбан, се наведува дека Европскиот совет се залага за преговори исклучиво со присуство на Украина, но и на ЕУ бидејќи, како што се наведува, не може да има преговори кои ќе влијаат на европската безбедност без учество на Европа. Се додава дека секое примирје единствено може да биде дел од процесот кој води до сеопфатен мировен договор и оти секој таков договор треба да биде придружен со силни безбедносни гаранции за Украина кои би придонеле за одвраќање на идната руска агресија.
„Мирот мора да ги почитува независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Постигнувањето ‘мир преку сила’ бара Украина да биде во најсилна можна позиција, пред, за време и по преговорите за завршување на војната. За таа цел, ЕУ останува посветена да обезбеди засилена политичка, финансиска, економска, хуманитарна, воена и дипломатска поддршка на Украина и нејзиниот народ и да го засили притисокот врз Русија, вклучително и преку дополнителни санкции и со зајакнување на спроведувањето на постоечките мерки, со цел да ја ослабне нејзината способност да продолжи да ја води својата агресивна војна“,
се наведува во документот.
Во оваа смисла се додава дека ЕУ ќе продолжи да ја обезбедува Украина со редовна финансиска поддршка која во 2025 година ќе изнесува 30,6 милијарди евра, a дополнително се истакнува подготвеноста на земјите членки за испорака на дополнителна воена опрема за Украина.
„Низ призма на преговорите за сеопфатен, праведен и траен мир, ЕУ и земјите членки се подготвени дополнително да придонесат за безбедносните гаранции врз основа на нивните соодветни надлежности во согласност со меѓународното право, вклучително и со истражување на можната употреба на инструментите на заедничката безбедносна и одбранбена политика. Безбедносните гаранции треба да се преземат заедно со Украина, како и со истомислениците и партнерите од НАТО“,
се додава во документот.
Европскиот совет дополнително го нагласува правото на Украина да ја избира сопствена судбина врз основа на Повелбата на ОН и меѓународното право и се истакнува дека Европската Унија ќе ја интензивира поддршката за реформските напори на Украина на нејзиниот пат кон членство во ЕУ.