Во Казахстан веќе една недела има немири по антивладините протести поради поскапувањето на горивото

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска во телефонски разговор изрази солидарност со казахстанскиот претседател Касим Жомарт Токаев, објави унгарскиот министер за надворешни работи на својата официјална страница на Фејсбук и извести за успешната евакуација на унгарските граѓани.
„Премиерот (Орбан) денеска разговараше со претседателот Токаев и изрази солидарност и сочувство со многу, многу жртви, а ние, се разбира, им понудивме помош“,
рече министерот за надворешни работи Петер Сијарто во видеото.
Во Казахстан се случи „обид за уривање на уставниот поредок, како и добро координиран напад врз самата казахстанска држава“, рече Сијарто.
Како што пренесува унгарската агенција МТИ, тој известил дека унгарските државјани, кои побарале помош, се безбедно евакуирани од Казахстан и ќе пристигнат во Будимпешта вечерва.
Во Казахстан веќе една недела има немири по антивладините протести поради поскапувањето на горивото.
Како одговор на протестите, Токаев прогласи вонредна состојба, ја распушти владата и и нареди на армијата да пука во демонстрантите без предупредување.
Повеќе од 160 луѓе загинаа, а над 2 000 се повредени. Денеска е ден на жалост во државата.